САД оцени разговорите со Иран за нуклеарниот договор како конструктивни

14

САД како конструктивни и потенцијално корисни ги оцени вчерашните индиректни разговори со Иран во Виена, што претставуваат чекор напред во обновување на согласноста за договорот од 2015 година за иранската нуклеарна програма, што Вашингтон унулатерално го напушти пред три години.

-Овие дискусии во Виена, иако не се среќаваме директно со Иранците, се, како што рековме, чекор за поздравување. Тоа е конструктивен чекор, тоа е потенцијално корисен чекор во обидот да се утврди што се подготвени да направат Иранците за да се вратиме на договорот. И, како резултат на тоа, што можеби ќе треба да сториме за да се вратиме на договорот, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, на редовната прес конференција.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Паски, пак, вчера изјави дека администрацијата на претседателот Џо Бајден не предвидува промени во политиката кон Иран за време на преговорите за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година, што беше раскинат од поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

САД и Иран од вчера почнаа индиректни разговори во Виена за враќање кон договорот.

-Јасно ставивме до знаење дека во овој момент не преземаме или не очекуваме никакви чекори. Ќе дозволиме преговорите да продолжат, рече Псаки.

Иранскиот главен преговарач за нуклеарната програма, Абас Аракчи, вчера за иранската државна телевизија изјави дека неговата земја и меѓународните сили ќе продолжат со разговорите за заживување на договорот.

-Разговорите во Виена беа конструктивни … нашата следна средба ќе биде во петок, рече Аракчи.

Техеран, според него, нема да престане со збогатувањето на ураниум до 20 процентна чистота се до деблокадата на милијардите долари, што се блокирани во други земји поради санкциите на САД против Иран повторно воведени во 2016 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.