САД – Одбор за разузнавање: Трамп ставил лични интереси над националните

18

Претседателот на САД, Доналд Трамп, побарал странско мешање за да зголеми шансите за реизбор следната година, ја поткопал националната безбедност и да наредил кампања за опструирање на Конгресот без преседан. Тоа се наведува во извештајот на демократите што ќе претставува основа за какво било формално обвинение за отповикување на Трамп.

Во извештајот на 300 страници за наводна голема злоупотреба на моќта, Одборот за разузнавање предводен од демократите тврди дека Трамп го уценувал својот украински колега Володимир Зеленски со американска воена помош и со посета на Белата куќа за да почне истрага против Хантер Бајден, синот на можниот противник на Трамп на претседателските избори следната поранешниот потпретседател Џо Бајден.

Републиканскиот претседател „ги стави личните и политичките интереси над националните интереси на САД, се обидувал да го поткопа интегритетот на изборите за претседател во САД и ја загрозил националната безбедност на САД“, се вели во извештајот.

Демократите, кои почнаа формална истрага за импичмент во септември, го обвинија Трамп за „досега невиден“ напор да ја опструира истрагата, вклучително и одбивање да достави документи и сведочења на неговите најблиски советници, неуспешни обиди за спречување на сведочењето на владините службеници и заплашување на сведоци.

„Доналд Трамп е првиот претседател во историјата на САД кој се обидел целосно да ја опструира истрагата за отповикување отпочната од страна на Претставничкиот дом“, се вели во извештајот.

Трамп, кој престојува во Лондон на самитот на НАТО, ги негираше обвинувањата и ги обвини демократите дека го користеле процесот за отповикување за да ги поништат резултатите од претседателските избори во 2016 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.