САД планираат неколку кибернетички напад врз руските системи, медиуми

Новата американска администрација има намера да изведе неколку кибернетички напади во текот на следните три седмици врз руски компјутерски системи поврзани со властите, пренесува дневниот весник The New York Times, повикувајќи се на сопствени извори.

Според неименуваните соговорници на весникот, во следните три седмици САД ќе покренат „прикриени контранапади“ врз руски цели, за коишто ќе дознаат само претседателот Владимир Путин, руското разузнавање и војската, но не и надворешниот свет. Веројатно, такви акции ќе бидат преземени и во однос на Кина, којашто Вашингтон, исто така, ја обвинува за поврзаност со хакерски напади врз американски цели.

Како што се наведува уште во текстот, покрај кибернетичките напади, Соединетите држави планираат да воведат нови економски санкции против Москва, како одговор на наводните претходни хакерски активности од руската страна. Покрај тоа, според истите извори, можно е американскиот претседател Џо Бајден да потпише укази за зајакнување на заштитата на владините компјутерски системи во контекстот на претстојните кибернетички напади.

На почетокот од јануари, американската Агенција за безбедност за кибернетичка безбедност и сигурност на инфраструктурата (CISA) објави заеднички извештај со Федералното биро за истраги (FBI) и низа други служби во САД, во кој се наведува дека наводно Русија стои зад големиот сајбер напад врз клиентите на компанијата за компјутерска безбедност „SolarWinds“.

Според овој извештај, особено цел на тие хакерски напади биле американските владини агенции. Вашингтон сугерираше дека целта на овие активности биле да се дојде до разузнавачки информации. Сепак, подоцна американските власти објавија дека организаторите на нападот не добиле пристап до чувствителни информации.

Советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Џејк Саливан, изјави дека администрацијата е подготвена да користи различни методи во врска со тој кибернетички напад. Според него, одговорот треба да содржи „не само санкции“, туку дека американската страна е подготвена да користи „видливи и невидливи“ инструменти.

Претходно повеќе руски високи државни функционери решително ги отфрлија обвинувањата за сајбер напади врз американските цели, и оценија дека тврдењата на Вашингтон се неиздржани и повторно непоткрепени со никакви докази.