САД по повеќе од четири децени станаа нето извозник на нафта и деривати

САД минатата седмица по повеќе од четири децении станале нето извозник на нафта и нафтени деривати, благодарејќи на технологиите за црпење на нафтата од шкрилци, покажаа официјалните податоци на американската влада.

Извештајот на министерството за енергетика претставува ново сведоштво за подемот на вадењето нафта од шкрилци, што ги подигнаа САД на светските нафтени пазари, поттикнувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп на објавата за американската „енергетска доминација“.

Ова претставува доста голема промена во однос на изминатите децении во коишто американската енергетија ја дефинираше забраната на извоз на нафтата, воведена во 1975 година поради тогашниот нафтен шок. Забраната е укината кон крајот на 2015 година, а секторот во меѓувреме доживеа темелни промени, во прв ред благодарејќи на новите технологии за вадење нафта, како што е хидрауличното фрактурирање, кои овозможиле големо производство на нафтата во прв ред во сојузните држави Северна Дакота, Тексас и Пенсилванија.

Во моментов САД произведуваат 11,7 милиони сирова нафта дневно, што значи дека им конкурираат на водечките светски производители, вклучително и на најголемите – Саудиска Арабија и на Русија. Во четвртокот објавените резултати на министерството на енергетика, исто така, покажуваат дека САД минатата седмица извезувале 3,2 милиони барели нафта дневно и 5,85 милииони барели дневно нафтени деривати. Во истиот период увезувале 7,22 милиони барели нафта дневно и 1,62 милиони барели деривати.

Доколку се соберат двете категории енергенси, САД минатата седмица нето извезувале 211.000 барели дневно, првпат откако во министерството за енергетика во 1973 година почнале да ги собираат овие податоци. Аналитичарите, сепак, предупредуваат дека тоа не значи дека САД нужно секоја седмица ќе бидат нето извозник на нафта, но истакнуваат дека подемот на добивањето на „црното злато“ од шкрилци без порекнување ја променил сликата на американската енергетика.