САД подготвуваат зголемување на царините на сите преостанати кинески производи

Американскиот претседател Доналд Трамп наредил зголемување на царините за речиси 300 милијарди долари преостанати кинески производи кои се увезуваат во САД, објави во соопштение трговскиот претставник Роберт Лајтхајзер.

Потегот се случува по неуспешните преговори меѓу американската и кинеската трговска делегација кои се сретнаа во Вашингтон за да се надмине трговскиот судир меѓу двете најголеми светски економии кој трае со месеци наназад. Во петокот во САД стапија на сила зголемените 25-процентни царини на увозот на кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари. Досега царините на овој извоз изнесуваа 10 отсто.

Американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter објави дека неговиот однос со кинескиот колега Кси Џинпинг е „многу силен“, како и дека очекува продолжување на преговорите. Истовремено, Ху Ксиџин, уредник на државниот весник на англиски јазик The Global Times, на Twitter напиша според цитат на „авторитативен извор“ дека преговорите продолжуваат. „Двете страни мислат дека преговорите се конструктивни и дека ќе продолжат. Договорен е состанок во Пекинг во иднина“, додава Ху.

Кина во петокот најави противмерки откако САД ги зголемија царините од 10 на 25 отсто, но не појасни на кој начин планира да одговори. Доколку САД ги зголемат царините и на преостанатите 300 милијарди долари вредни кинески производи, тоа ќе значи дека Вашингтон наметнал тарифи на речиси сите кинески увозни производи.

САД се незадоволни поради несразмерноста во тргувањето со Кина, а тој дефицит во последната деценија се зголеми на 419 милијарди долари. Американската страна ја обвинува кинеската за нечесни трговски практики, вклучително и кражба на интелектуалната сопственост, принуден трансфер на технологиите и фаворизирање на кинеските компании. Танзиите се зголемија и поради кинеските телекомуникациски компании кои Вашингтон ги смета за безбедносна закана и им го блокира пристапот на американскиот пазар, а исто така бара и од неговите сојузници особено во Европа да ја спроведуваат оваа практика. Засега Германија се спротистави на повиците од САД во своите тендери за развој на новата генерација мобилни мрежи 5G да ги исклучи кинеските компании.