САД прогласиja вонредна состојба поради епидемија на мајмунски сипаници

Соединетите Американски Држави денеска прогласија вонредна состојба во јавното здравство поради брзото ширење на епидемијата на мајмунски сипаници низ целата земја, објави Си-Ен-Ен.

Одлуката беше соопштена на брифинг во Министерството за здравство, кое деновиве беше обвинето дека не се справува на вистински начин со епидемијата на мајмунски сипаници и со тоа овозможува ширење на болеста.

Откако беше потврден првиот случај на мајмунска сипаница во Америка во мај, повеќе од 6.600 случаи се пријавени во сите држави, освен Монтана и Вајоминг.

Со денешната одлука, американското Министерство за здравство ја следеше одлуката на Светската здравствена организација која на крајот на јули ја прогласи мајмунската сипаница за глобална здравствена вонредна состојба.

Во САД градовите Њујорк и Сан Франциско, како и сојузните држави Калифорнија, Илиноис и Њујорк прогласија вонредна здравствена состојба поради мајмунски сипаници и пред денешната одлука на Министерството за здравство.

Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот го назначи Роберт Фентон да ги координира сите активности на Белата куќа поврзани со епидемијата на мајмунски сипаници.