САД сакаат воена коалиција за безбедна пловидба во Персискиот залив

Американскиот генерал Џорџ Данфорд (Ц) пристигна да одржи класифициран брифинг за Иран на Капитол Хил во Вашингтон, САД, на 21 мај 2019 година. (Фото: Reuters)

Командантот на американските маринци, генералот Џозеф Данфорд порача дека САД сакаат да формираат меѓународна воена коалиција за да се обезбеди слободна пловидба во водите крај Иран и Јемен.

Во јуни САД го обвинија Иран за инцидентите со два танкера во Оманскиот залив, како и претходно за инцидентите со четири нафтени танкери во водите на Обединетите Арапски Емирати. Техеран одлучно го отфрла ваквите наводи и ги припишува на американското тежнеење за ексалирање на конфронтацијата со Иран.

Генералот Џозеф Данфор рекол дека сака да „обезбеди слободна пловидба“ во регионот, во кој се наоѓаат клучните трговски правци. Додал дека САД разговараат со повеќе земји кои имаат „политичка волја“ да ги поддржат ваквите планови. САД би обезбедиле командни бродови, додал американскиот командант, но целта е другите земји да дадат бродови и да извршуваат патролирања.

Генералот Данфорд рекол и дека САД „директно ќе работат со војските за да ги идентификуваат специфичните можности“ на секоја земја во поддршка на оваа иницијативата. Според него, моќта и силата на иницијативата зависат од бројот на земјите кои ќе одлучат да учествуваат.

„Со мал број соработници можеме да имаме мала мисија. Ќе го прошириме тоа, штом земјите кои имаат волја да учествуваат тоа и ќе го искажат“, додал Данфорд.

Ормутскиот теснец и преминот Баб ал-Мандаб се клучни стратешки локации, бидејќи овозможуваат влегување од океанот во Персискиот залив и во Црвеното Море. Секојдневно речиси четири милиони барели сирова нафта минуваат низ Баб ал-Мандаб.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.