САД санкциите за Додик ги правдаат со корупција и дека е закана за стабилноста на БиХ

САД воведоа санкции против челникот на босанските Срби, Милорад Додик, образложувајќи го тоа со наводна негова корупција и дека е закана за стабилноста за целоста на Босна и Херцеговина, објави во средата американското министерство за финансии.

Санкциите се воведени и за Алтернативна телевизија од Бања Лука, која е во сопственост на компанија блиска до синот на Додик. Американското министерство за финансии ја обвинува оваа телевизија дека наводно му служи на Додик за промовирње на неговите цели и дека ја контролира.

Станува збор за примена на извршниот указ од јуни минатата година која им дозволува на САД да санкционираат лица кои „ги загрозува мирот и стабилноста на западен Балкан“.

Милорад Додик и претходно изјавуваше дека станува збор за притисок врз него поради тоа што се противи на укинувањето на ентитетот Република Српска гарантиран со Дејтонскиот мировен договор од 1995-та, и настојувањата БиХ да биде внесена во НАТО. Додик ја има поддршката од Русија, ужива поддршка и од некои челници на земјите членки на Европската унија, во прв ред од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој заедно со други ЕУ-челници најави дека нема да поддржи европски санкции за Република Српска и Додик.

„Милорад Додик со дестабилизирачки коруптивни активности и обидите да уривање на Дејтонскиот мировен договор, мотивиран од сопствен интереси, се заканува на стабилноста на Босна и Херцеговина и на целиот регион“, истакна Брајан Белсон, потсекретар на министерството на финансии на САД задолжен за тероризам и финансиско-разузнавачка аналитика без да наведе конкретни поединости.

Во Бања Лука и во Белград, уште претходно предупредуваа на вакви потези од Западот, коишто според нив се насочени против Србите воопшто и српските интереси во регионот.

Босна и Херцеговина влезе во најтешката политичка криза од крајот на војната во 1990-те, откако Република Српска одби да ги исполни настојувањата на федералните власти во Сараево да ги преземат воените објекти, шумите и земјоделските земјишта од српскиот ентитет. Како одговор, босанските Срби ја блокираа работата на институции на Федерацијата, а пратенците во Република Српска гласаа за почеток на повлекувањето на ентитетот од заедничките институции.

Додик, кој воедно е српски член на колективното Претседателство на БиХ, изјави претходно во средата дека очекува дека тој и неговите соработници ќе се најдат на мета на новите санкции на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, но истакна дека тоа нема да го запре во спроведувањето на плановите на Република Српска да ѝ обезбеди што поголем степен на самостојност, а потенцијално и дека ќе истапи од БиХ.

„Санциите се можни, но тоа е повеќе одраз на нивната немоќ отколку на моќта“, изјави Додик за новинарите. Оцени дека „Американците заедно со муслиманите работат на воведување санкции“, но тоа го оцени како „јалова работа“.

Одговорот на босанските Срби на очекуваните американски санкции ќе бидат продолжување на досегашните политики, без оглед на последиците, порача Додик.

„Жалам што имаме таков проблем со САД“, изјави Додик кому од 2017 година му е забране влезот во оваа земја. Додаде и дека повеќе никогаш нема намера да бара виза за патување во Соединетите држави, дури и доколку Вашингтон му ги укине сегашните санкции.

Се надева и дека САД повторно ќе почнат да размислуваат за концептот на поделба на БиХ, односно дека на крајот на босанските Срби ќе им биде дозволено да се издвојат од БиХ, а на Западот стравуваат дека Република Српска потоа ќе ѝ се приклучи на Србија.