САД се горди што се сојузник со Македонија, порачал Трамп

САД се горди што се сојузник со С.Македонија во НАТО и ги поддржуваат нејзините аспирации за членство и во Европската унија, пишува американскиот претседател Доналд Трамп во честитката до претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на независноста, 8 Септември.

-Оваа година одбележувањето е во околности кога сме соочени со глобалната пандемија. И покрај овој огромен предизвик, Северна Македонија безбедно и транспарентно одржа демократски избори во јули, а вашата земја останува посветена на унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Во прилог на позитивниот исчекор со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата, како домаќин на големи вежби на воениот полигон Криволак. Соединетите Држави се горди што се Ваш сојузник и ги поддржуваме аспирациите на Северна Македонија за понатамошна европска интеграција и вашиот пат кон членство во Европската унија, наведува Трамп во честитката, што на претседателот Пендаровски денеска му ја предаде амбасадорката на САД Кејт Брнз.

На средбата во претседателската вила Водно, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, се разговараше за предизвиците што ги носи пандемијата на КОВИД-19, во чие справување од помош беше и американската поддршка за здравствените работници, како и за останатите сектори за граѓаните коишто беа погодени од кризата.

Пендаровски и Брнз разменија мислења и за предизвиците кои и претстојат на новата влада и потребата од одржување на националниот консензус со цел успешно спроведување на реформите потребни за исполнување на втората стратешка цел на земјата, членството во ЕУ, откако стана полноправна членка на НАТО изминатата пролет.