САД се подготвени да и помогнат на Русија за обезбедување на ОИ во Сочи

САД се подготвени да и помогнат на Русија, каде минатата недела беа извршени два напада, да ја гарантира безбедноста за време на зимските олимписки игри во Сочи, изјави американскиот министер за одбрана Чак Хејгл во телефонскиот разговор со рускиот колега Сергеј Шојгу.

Тој го уверил Шојгу дека САД се подготвени да и испратат на Русија помош во областа на безбедноста за време на олимпијадата доколку Москва го побара тоа, се наведува во соопштението на портпаролот на пентагон, Џон Карби.

Американскиот министер ги осуди самоубиствените напади во Волгоград, во кои загинаа 34 лица, нагласувајќи дека САД го поддржува рускиот народ во борбата против тероризмот.

Хејгл, исто така, додаде дека Пентагон е подготвен да ја зајакне соработката со руското Министерство за одбрана за спречување на терористичките закани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.