САД се подготвени да испорачаат тенкови „Abrams“ на Украина, тврдат извори

Се чини дека САД го промениле ставот и дека се подготвени да започнат процес на испраќање повеќе десетици модерни офанзивни тенкови „М1 Abrams“ во Украина, рекле за агенцијата Reuters двајца функционери, но Пентагон и натаму тврди дека тоа прашање засега не се разгледува.

Ваквото тврдење на неименуваните извори на Reuters доаѓа само неколку дена откако Вашингтон беше дециден во противењето за испраќањето на тенковите „М1 Abrams“ и покрај барањата од Киев и притисокот од Берлин, кој исто така се соочуваше да испрати и да одобри испораки на германските тенкови „Leopard 2“ на украинското боиште.

Функционерите, кои зборувале под услов да останат анонимни, рекле дека таквата одлука би можела официјално да биде објавена веќе подоцна во средата.

Додале дека тенковите „М1 Abrams“ би биле испраќани преки фондот познат како Иницијатива за безбедносна помош на Украина (USAI), кој на администрацијата на претседателот Џо Бајден ѝ овозможува да набави оружје наместо да ги користи моменталните залихи на американската војска.

Еден од функционерите рекол дека можно е администрацијата на Бајден ќе го искористи фондот USAI да купи тенковите од сојузниците коишто ги имаат, и да го испрати во Украина. Таквата постапка би можела да потрае меѓу неколку месеци и неколку години.

Не се појаснуваат причините за таквата евентуална брза одлука, спротивна до досегашните изјави на официјален Вашингтон, како и дали се поврзани со последните напредувања на руските сили на фронтот во југоисточните региони Доњецк и Запорожје и процените на воените аналитичари дека во речиси едногодишната војна речиси се уништени украинските тенковски единици.

Украина последниот период инсистира да ѝ бидат испорачани „стотици до илјада“ напредни тешки офанзивни тенкови од западно производство, тврдејќи дека тоа на нејзините трупи би ѝ дало поголема подвижност и заштита во наводната претстојна скорешна руска офанзива. Исто така, во Киев таквите барања ги аргументираат дека со западните тенкови ќе може да поврати дел од териториите кои паднаа под контрола на руските трупи.

Американските функционери и воени стручњаци предупредуваа и порано дека тенковите „М1 Abrams“ се тешки за одржување. Истакнаа дека е тешко да се оспособат Украинците да ги користат овие оружја опремени со напредна технологија. Покрај тоа, се потсетува дека овие тенкови користат големи количества гориво и тоа керозин, што значително ја отежнува нивната логистика, сложени се за ремонт, поради што се лош избор во оваа фаза од војната.

Пентагон во вторникот ноќта на редовниот брифинг со новинарите одби да одговори дали Вашингтон ќе му ги испорача тенковите „М1 Abrams“ на Киев, но ги повтори предизвиците коишто тенковите од овој модел ги претставуваат за војските.

„„М1 Abrams е комплексен систем на вооружување кој е предизвикувачки да се одржува. Тоа беше вистината вчера, тоа е вистината и денеска и ќе биде вистина и во иднина“, изјави за новинарите, портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер.

„Ги продолжуваме разговорите со Украинците и со нашите сојузници и партнери околу среднорочните и долгорочни одбранбени потреби за Украина“, додаде Рајдер.

Тврдењето за промената на позицијата на Белата куќат е објавено само неколку часа откако, исто така, анонимни извори изјавија за Reuters и за весникот Der Spiegel дека Германија ќе испрати чета, односно до 14 свои офанзивни тенкови од моделот „Leopard 2А6“, кои во моментов се во составот на Бундесверот, а покрај тоа ќе им одобри испораки за Киев и на другите сојузници кои ги поседуваат.

На истиот брифинг во Пентагон, портпаролот Рајдер кој доаѓа од американските воздухопловни сили, не ги потврди изјавите на портпаролот на украинската воена авијација Јуриј Игнат дека веќе е договорен типот авиони кои Западот ќе му ги обезбеди на Киев.

„Што се однесува на медиумските извештаи за обезбедување (за Украина) летала, немам што да објавам. Не сум запознаен дека во моментов некои украински пилоти минуваат обука во САД …. Како што секогаш велиме, насочените сме да продолжиме активно да разговараме со Украинците за нивите одбранбени потреби, на кус, среден и долг рок“, рече Рајдер.

На новинарско прашање дали не е точно тврдењето на украинскиот портпарол, Рајдер одговори дека прашањето треба да му биде поставено неми и оти тој нема да „зборува од негово име“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.