САД: Сите американски државјани веднаш да ја напуштат Либија

Американскиот Стејт Департмент ги повикал сите државјани на САД, кои се наоѓаат во Либија, веднаш да ја напуштат земјата, и ги предупреди дека ситуацијата во оваа северноафриканска држава е крајно „непредвидлива и нестабилна“, објави „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Во својата информација до јавноста, Стејт Департментот појаснува дека „поради ситуацијата дека странци, а особено американски граѓани, може да бидат поврзани со властите на САД“, сите ангажирани во невладини организации и туристи „може да станат предмет на киднапирање, насилни напади или убиство“.

Вчера вооружени мажи го нападнале домот на новиот премиер на Либија, само два дена откако му беше излгасана доверба во парламентот.

На почетокот на мај, Генералниот национален конгрес на Либија го избра бизнисменот Ахмед Миитиг да го замени на премиерската функција Абдула Ал-Тани.

„Домот на премиерот беше цел на напад со ракети и со лесно оружје во околу три часот наутро“, изјавил близок соработник на Миитиг, кој инсистирал на анонимност, за локалните медиуми.

За време на вооружениот напад, премиерот на Либија и неговото семејство биле во куќата, но за среќа успеале да останат неповредени. Неговите телохранители отвориле оган врз напаѓачите и раниле двајца од нив.

Инаку, во Либија владее континуиран хаос и анархија. Во земјата има постојани оружени судири и немилост во борбите за власт, кои ги водат поранешните бунтовнички милиции.