САД спречиле кинески хакерски напад врз критичната инфраструктура

Соединетите држави спречиле кинеска хакерска операција против критичната американска инфраструктура, изјавиле во средата за Reuters двајца американски функционери.

Со операцијата биле опфатени стотици домашни рутери коишто хакерите претходно ги користеле за шпионирање, рекле фунционерите од одделот за национална безбедност во американското Министерство за правосудство.

САД и партнерите објавија за киенска хакерска операција во мај 2023 година, велејќи дека цел на шпионирањето била и американската армија. Судот ја одобрил акцијата на одделот за национанална безбедност за отстранување на вируси од рутерите и заштита од нови напади.

Кинеската влада ваквите обвинувања ги нареќче колективни дезинформации.

„Кинеската влада отсекогаш била категорички против хакерските напади и злоупотребите на информатичките технологии“, изјавил портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

Во одговорот додал дека САД се тие кои се занимаваат со хакирање „повеќе од која и да де друга држава“.

Претходо во вторникот безбедносни извори за Reuters изјавија дека американската влада последниве месеци започнала операција за борба против „сеприсутната кинеска операција на хакирања која успешно компромитирала илјадници уреди поврзани на интернет“.

Американското Министерство за правда и Федералното биро за истраги (FBI) побараа и добија законско овластување за далечинско оневозможување на аспектите на кинеската хакерска кампања, изјавиле извори за Reuters.

Позната како Volt Typhoon, злонамерната кибернетичка активност ги алармирала разузнавачите кои велат дека тоа е дел од поголемите напори да се загрози критичната западна инфраструктура, вклучувајќи ги поморските пристаништа, давателите на интернет услуги и комуналните услуги.

Ваквите прекршувања би можеле да ѝ овозможат на Кина, велат експертите за национална безбедност, од далечина да ги попречи важните објекти во индо-пацифичкиот регион кои на некој начин ги поддржуваат или служат во воените операции на САД.

Портпаролот на американското Министерство за правда во вторникот одбил да коментира за Reuters. Портпаролите на FBI и на кинеската амбасада во Вашингтон тогаш, исто така, не одговориле на барањето за коментар.

Кога западните земји првпат предупредија за Volt Typhoon во мај минатата година, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг рече дека обвинувањата за хакирање се „колективна кампања на дезинформации“ од земјите од пактот „Пет очи“ (Five Eyes), разузнавачка алијанса составена од САД, Канада, Нов Зеланд, Австралија. и Обединетото Кралство.