САД тврдат дека Северна Кореја ѝ испраќа артилериски гранати на Русија

САД поседуваат информации дека Северна Кореја тајно испраќа „значително количество“ артилериски гранати за војната во Украина, тврдеше во средата портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

Кирби, без да даде докази, на виртуелниот брифинг тврдеше дека Северна Кореја се „обидува да ги сокрие пратките испраќајќи ги преку Блискиот исток и Африка“.

„Нашите индиции се дека Северна Кореја тајно ја снабдува (Русија) и ќе следиме дали пратките се примени“, рече Кирби.

Додаде дека Вашингтон ќе ги консултира Обединетите нации во поглед на одговорноста за тие пратки.

„Тоа не е безначајна бројка гранати, но не веруваме дека станува збор за количества кои би го промениле текот на војната. И сигурно нема да го промени нашиот буџет… или на многу наши сојузници и партнери кога станува збор за капацитетите коишто ќе продолжиме да им ги испраќаме на Украинците“, рече Кирби.

Станува збор за второ вакво обвинување од страна на САД против Северна Кореја којашто уште во септември соопшти дека никогаш не испраќала оружје и муниција во Русија и дека нема планови тоа да го стори, но ги предупреди САД да молчат и да престана да шират лаги со кои сака да му наштети на нејзиниот углед.

Зборувајќи за севернокорејското лансирање проектили во средата, Кирби рече дека тоа не претставува директна закана за американскиот персонал во регионот и додаде дека САД ќе се погрижат таму да има капацитети за заштита на своите сојузници.

Северна Кореја во средата лансирала во морето најмалку 23 проектили, од кои еден паднал на помалку од 60 километри од брегот на Јужна Кореја, првпат од поделбата на полуостровот по 1945 година. Истовремено ова е најголемиот број проектили кои Северна Кореја ги истрелала во еден ден. Јужна Кореја возврати со иста мера.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.