САД водат по бројот на заразени од Ковид-19

– Сингапур. Секој кој во Сингапур ги крши правилата за социјално дистанцирање од денеска би можел да заврши во затвор, откако тој град-држава прогласи за кривично дело намерно приближување кон друго лице за време на епидемија на со новиот коронавирус.

Според законот за заразни болести, секој кој намерно ќе се најде на растојание помало од еден метар од друго лице на јавно место ќе биде прогласен за виновен за прекршок.

Паричната казна за сторителите ќе биде до 6.990 долари или до шест месеци затвор, или и двете. Новото правило ќе важи до 30 април.

Бројот на потврдени случаи на заразени со Ковид-19 во Сингапур се зголеми за 52 на 683 вчера, со два смртни случаи досега.

– Италија. Во Италија е регистрирано нагло опаѓање на криминалот од воведувањето на карантински мерки за ограничување го ширењето на новиот коронавирус, соопшти италијанското Министерство за внатрешни работи.

Помеѓу 1 и 22 март се пријавени 53.000 кривични дела, и тоа е пад од 64 проценти во однос на истиот период минатата година, се вели во извештајот на Министерството.

Криминални случаи поврзани со дрога се намалиле за 46 проценти, проституцијата и педофилијата се намалени за 77 отсто, убиства – за 65 отсто и сексуални напади има за 70 отсто помалку.

Сепак, помал пад е забележан во семејно насилство – 43,6 проценти, како и при кражби во аптеки – едни од неколкуте продажни места што сѐ уште работат за време на карантинот.

– Косово. Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека од извршените испитувања во текот на минатата ноќ, седум испитаници резултираа позитивни на Ковид-19, по што официјалната бројка на заразени со смртоносниот вирус во земјата достигна до 86, јави дописникот на МИА од Приштина.

Сите новооткриени случаи се од село во општина Малишево и се лица кои биле во контакт со претходно заразени, а последниве денови се наоѓале во самоизолација.

Според соопштението на ИШПК, од критичното место биле тестирани примероци на вкупно 25 лица, од кои седуммина резултирале позитивни.

Порано во текот на вчерашниот ден во лабораторијата за молекуларна микробиологија на ИШПК се тестирани 89 лица за кои постоело сомневање дека се заразени. Од нив кај осуммина е откриено присуство на вирусот Ковид-19, така што вкупниот бројот на новооткриени случаи со коронавирус во четвртокот изнесува 15 лица.

Косовскиот министер за здравство Арбен Витиа вчера објави и дека еден од пациентите кои претходно биле дијагностификувани со коронавирус, по соодветните испитувања согласно препораките на Светската здравствена организација (СЗО), резултира излечен од заразната болест, што е прв таков случај во Косово.

Од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, тестирани се вкупно 880 примероци на лица за кои постоело сомневање дека се заразени од коронавирусот. Од нив, 86 случаи резултираа со позитивен наод, додека едно лице, маж на 82-годишна возраст, почина, се вели во соопштението на ИШКП.

– САД. Според официјалните податоци бројот на заразени со Ковид-19 во САД ја надмина цифрата на случаи во Кина, Италија и Шпанија, земји кои до денеска беа најпогодени со пандемијата.

Во САД за еден ден регистрирани се речиси 14.000 инфицирани, а вкупно нивниот број изнесува 85.594, од кои 1.300 починаа, а во критична состојба се повеќе од 2.000 пациенти.

Во Лос Анџелес забележани се над 400 нови случаи, а деветмина починаа. Во градот за сместување на пациентите е подготвен и Конгресниот центар, како еден од најголемите болнички приватни центри на 67.000 метри квадратни.

Во последните 24 часа бројот на новозаразени лица во светот се искачи на 532.912, а починаа 24.093. Од почетокот на пандемијата досега оздравеа 124.380 лица.