САД воведоа санкции против шефот на иранската дипломатија

САД во средата воведоа санкции за иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, со што најверојатно ги поткопаа можностите за дипломатски разговори во моментите кога растат тензиите меѓу двете земји.

Шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф беше една од клучните личности во постигнувањето на договорот меѓу Техеран и шесте светски сили во 2015 година со кој беше ограничена иранската нуклеарна програма, од кој во мај 2018 година се повлече Вашингтон. Тензиите меѓу САД и Иран се зголемија последните месеци по инцидентите со танкерите во Персискиот залив за кои Вашингтон го обвинува Иран и поради иранското соборување на американско шпионско беспилотно летало над Ормутскиот теснец.

„Џавад Зариф го спреведува бескрупулониот план на иранскиот Врховен водач и е главниот гласноговорник на режимот во светот. САД му испраќаат јасна порака на иранскиот режим дека неговите неодамнешни постпки се целосно неприфатливи“, напиша во писмената изјава американскиот министер за финансии Стив Мначин.

Санкциите наметнати против Зариф значи дека ќе му биде блокиран сиот евентуален имот и работење кои се под американска јурисдикција, но иранскиот дипломат порача дека и онака нема активности или активи кои би биле под удар на Вашингтон.

„Причината на САД е што јас сум главниот ирански гласноговорник по светот. Дали вистината е навистина толку болна? Тоа нема да влијае на мене или на моето семејство, бидејќи немаме сопственост надвор од Иран. Благодарам што ме сметате толку голема закана за вашите планови“, напиша Зариф на Twitter.

Мначин рече дека Зариф ги користел социјалните мрежи за да ја шири иранската „пропаганда и дезинформациите“, додека истовремено иранската влада на граѓаните не им дозволува користење на тие мрежи.

Администрацијата во Вашингтон соопшти дека од случај до случај ќе одлучува дали на Зариф ќе му даде виза за САД, вклучително и за патувања во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, каде во септември треба да учествува на Генералното собрание на светската организација. Доколку Зариф добие таква виза, тоа би оставило можноста за директни или посредни контакти со американски претставници во текот на Генералното собрание, какви што се случуваа при претходните контакти меѓу САД и Иран.

Висок американски функционер за Reuters повторил дека Трамп е отворен за преговори со Иран, но дека американската администрација не смета дека Зариф е една од клучните личности во носењето одлуки.

Вашингтон го санкционирал Зариф бидејќи се плаши од неговите дипломатски вештини, напиша на Twitter портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Абас Мусави.

„Врв на глупоста и недоследноста на американските челници е што не го препознаваат д-р Зариф како влијателен во иранската политика, туку во крајно незнаење го санкционираат. Американците многу се плашат од лигиката на д-р Зариф и неговиот преговарачки вештини“, напишта Мусави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.