САД воведоа санкции за руска и кинеска компанија поради работење со Северна Кореја

Американското министерство за финансии соопшти во средата дека вовело санкции за руска и за кинеска компанија поради тоа што наводно, и покрај ембаргото под кое е Северна Кореја, и натаму тргувале со неа.

На кинеската групација „Dalian Sun Moon Star International Logistics Trading Co“ и на нејзината филијала SINSMS во Снгапур им се забележува дека извезувале алкохол и цигари во Северна Кореја, фалсификувајќи ги документите за пратките.

„Оваа илегална продажба на цигари во Северна Корејаизнесува повеќе од милијарда долари годишно“, се додава во соопштението на американската администрација.

Руската компанија „Профинет“ и нејзиниот прв директор Василиј Колчанов, исто така, се ставени под американски санкции поради тоа што наводно на севернокорејските бродови им давале пристанишни услуги.

Ставањето на овие деловни субјекти на црната листа на американското министерство „ја потврдува определеноста на САД да спречат секаков прилив на пари за дејности и програми за производство на оружје за масовно уништување, во согласност со одлуките на Советот за безбедност при ОН“, се наведува во споменатото соопштение.

На почетокот од август Вашингтон, како дел од своите санкции против Северна Кореја, воведе санкции против руската банка „Агросојуз“. Тогаш американското министерство за финансии објасни дека бил нарушен режимот на санкции против Пјонгјанг со „долгорочните односи“ на банката во Северна Кореја. Исто така, на листата на санкции тогаш беа ставени и кинеската компанија „Dandong Zhongsheng Industry & Trade“ и севрнокорејската „ Korea Ungum Corporation“.

Минатата седмица Пјонгјанг го предупреди Вашингтон дека евентуалното проширување и продолжување на американските санкции, и покрај изразите на добра волја со запирање на нуклерните и ракетните тестирања како и демонтирање на атомскиот полигон, може да влијаат врз процесот на денуклеаризација на Корејскиот полуостров.