САД загрижени поради укинувањето на забраната за враќање во населбите на Западниот брег

Вашингтон е „крајно загрижен“ од одлуката на израелскиот парламент што го отвора патот за враќање на еврејските доселеници во четири населби на палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан), изјави во вторникот заменик портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.

Пател рече дека измината на законот од 2005 година со кој се наредува евакуација на доселениците е „особено провокативен и контрапродуктивен“ за напорите за враќање на мирот во Израел и на Западниот брег пред светиот муслимански месец Рамазан, еврејска Пасха и христијански Велигден.

Одлуката е донесена само два дена откако Израел го потврди своето ветување дека ќе ги прекине дискусиите за нови населби и дозволи за пунктови, рече Пател, осврнувајќи се на заедничката изјава на израелските и палестинските претставници по разговорите во Египет.

„САД силно го повикуваат Израел да се воздржи од дозволување на доселениците да се вратат во областа опфатена со законот, во согласност со ветувањето дадено на САД од поранешниот премиер Шарон и сегашната израелска влада“, рече Пател.

„Јасно кажавме дека проширувањето на населените места е пречка за мир и постигнување решение со две држави“, додаде.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.