Американската администрација објави дека Иран се придржува до обврските преземени од нуклеарниот договор со шесте светски сили, но предупреди дека не се придржува до духот на споменатиот договор и најави дека Вашингтон ќе се обиде да најдени начини да го засили.
Вторпат откако во јануари ја презема должноста, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека Иран се придржува до договорот, и покрај тоа што во текот на својата предизборна кампања во 2016 година го нарекуваше „најлошиот (за САД) договор кој кога и да е постигнат“.
Претставници на администрацијата на Трамп ги известиле новинарите за одлуката, додавајќи дека против Иран се подготвуваат нови економски санкции поради неговата ракетна балистичка програма и затоа што Вашингтон го обвинува Техеран дека постојано ги разгорува регионалните тензии.
Во согласност со американскиот закон, Стејт департментот секои 90 дена мора да го извести Конгресот за тоа дали Иран се придржува до Заедничкиот сеопфатен план за дејствување (JCPOA). Крајниот рок до кој Трамп, во согласност со барањето на Конгресот, требаше да ја донесе одлуката за тоа беше понеделникот.
Висок функционер на американската дипломатија изјавил за Reuters дека Иран се придржува до нуклеарниот договор од ноември 2015 година, но дека претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Рекс Тилерсон сметаат дека Техеран „сѐ уште е една од најголемите закани за американските интереси и за регионалната стабилност“.
Функционерот навел низа обвинувања кога станува збор за наводното однесување на Иран кон земјите во регионот, вклучително и развојот на балистичките ракети, поддршката на тероризмот и продолжување на судирите и вмешаност во злосторства извршени во Сирија, како и дека и натаму претставува закана за поморските патишта во водите на Персискиот залив.
Целта на договорот кој со Иран го постигнаа петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации: САД, Русија Кина,, Велика Британија и Франција плус Германија, е да се спречи Техеран да развие нуклеарно оружје со наметнување на временски ограничени рестрикции и строг меѓународен надзор на нуклеарната програма на земјата. За возврат, на Иран му се укинуваат децениските меѓународни економски и финансиски санкции.