САД заплениле 2,3 милиони долари откупнина за хакерите на нафтоводот

Американското министерство за правосудство запленило на хакери 2,3 милиони долари во криптовалути, што е дел од откупнината која компанијата „Colonial Pipeline“, сопственик на најголемиот цевковод за енергенси во САД, ја плати по кибернетичкиот напад во мај.

Иследниците откриле виртуелен „паричник“ и зпалениле 63,7 биткоини кои во моментов вредат 2,3 милиони долари, со што е вратен поголемиот дел од откупнината, изјави во понеделникот заменичката државен обвинител Лиза Монако.

Станува збор за откупнината којашто „Colonial Pipeline“ во мај им ја плати на хакерите кои го нападнале нивниот компјутерски систем и го исклучија цевководот, што доведе до неколкудневен масовен недостиг од горива на Источниот американски брег.

Хакирањето на неколку дена ги парализираше системот на компанијата, преку којашто се транспортираат околу 45 отсто од горивата неоходни за потрошувачите на американскиот Источен брег. Компанијата „Colonial Pipeline“ поради нападот на неколку дена ја прекина својата работа, што претставува една од најголемите последици од дигителен напад во историјата. Оваа компанија е оператор на најголемиот американски цевковод за транспорт на различни видови горива.

Откупот на „Colonial Pipeline, како што се претпоставува според написот на Bloomberg објавен неколку дена по кибернетичкиот напад, изнесувал 75 биткоини, што според курсот од 8-ми мај изнесувало приближно 5,3 милиони долари. Потоа, челникот на компанијата Џозег Блаунт изјави дека на изнудувачите им биле платени 4,4 милиони долари во криптовалути. Во меѓувреме, по еден твит на Илон Маск од минатата седмица вредноста на биткоинот падна на 34.000 долари.

Федералното биро за истраги (FBI) во текот на истрагата успеало да дојде до „приватниот клуч“ со кој пристапил до биткоин сметката на која наводно останал поголемиот дел од откупнината. Меѓутоа, не е јасно како FBI добиле пристап до тој клуч. Заплената на средствата ја одобрил судот во Сан Франциско.

Хакерскиот напад според FBI го извела кибернетичката криминална група DarkSide за којашто се претпоставува дека има седиште во Русија или во источна Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.