Саудиска Арабија ја одобри вакцината на Pfizer и BioNTech за коронавирусот

Агенцијата за контрола на квалитетот на храната и лековите на Саудиска Арабија (SFDA) ја одобри итната регистрација и употреба на вакцината против новиот коронавирус која ја разви американската фармацевтска компанија „Pfizer“ во соработка со партнерската германска биотехнолошка компанија „BioNTech“, објави во четвртокот телевизијата Al Arabiya.

„По темелната дискусија во врска со ова прашање од сите негови технички и научни аспекти, донесено е решение да се одобри регистрацијата на вакцината, како и нејзината употреба“, се наведува во соопштението.

Се додава и дека подоцна ќе бидат објавени поединости за датумот и количеството на вакцините, како и за почетокот на вакцинирањето на населението во оваа блискоисточна сунитска монархија.

Во актуелната пандемија на коронавирусот Саудиска Арабија досега според јавно достапните податоци севкупно регистрирала речиси 360.000 случаи на заразата и 6.000 смртни исходи поврзани со компликациите предизвикани од Covid-19.

Со овој потег, Саудиска Арабија стана четвртата земја во светот којашто ја одобри вакцината на „Pizer/BioNTech“, по Велика Британија којашто во вторникот веќе започна со вакцинацијата на своето наеление, како и Бахреин и Канада, кои тоа го сторија во средата.