Синдикатот за администрација и државна управа на Македонија (САДУ) тврди дека после најавите дека од 5 март ќе почне штрајк во Основниот суд Скопје 1 Скопје, вработените се соочуваат со притисоци да ја откажат поддршката за штрајкот и да го повлечат својот потпис за поддршка.
Вработените кои согласно законските процедури се потпишаа дека ќе штрајкуваат биле изложени на притисок со цел да се откажат од нивните намери. Немајќи „резултат“ од ваквите активности, претседателот на Основен суд Скопје 1 Скопје ги повикал сите вработени во салата за состаноци барајќи лично до денеска да се изјаснат дали ќе го подржат штрајкот, дали ќе штрајкуваат или ќе го повлечат својот потпис од списокот, иако согласно Законот за работни односи не смее да се вршат такви дејствија. Нашето законско и уставно загарантирано право на штрајк е грубо прекршено, се вели во денешното соопштение од САДУ.
Тој побара сите да се откажат од притисоците, бидејќи, како што се вели во соопштението, во спротивно, Синдикатот како претставник на работниците има обврска да ги заштити правата на штрајк.
Ги повикуваме сите невладини организации кои работат во областа на човековите права и демократијата, вклучувајќи го и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој вчера критикуваше за недоволната активност на синдикатите, да излезат со свој став и осуда со што ќе придонесат во остварување на нашите права како синдикат, се вели во соопштението.
САДУ за сите активности ќе ги извести меѓународните синдикални организации каде е полноправна членка, а преку Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ќе бидат известени и Светската и Европската конфедерација на синдикати, но и Меѓународната организација на трудот, каде, како што посочуваат, ќе бидат наведени сите факти и докази за кршење на законите во делот на синдикалното организирање и правото на штрајк.
Од Синдикатот појаснуваат дека на 26 февруари годинава испратиле допис до министерката за правда Рената Дескоска, до претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловскии и до претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје, Иван Џолев за започнување на штрајк согласно законите во Основен суд Скопје 1 Скопје, но од таму немале повратен одговор.
Од САДУ се надеваат дека ќе сопрат сите дејствија и после долг период ќе отпочне фер и коректен социјален дијалог и партнерство, а членовите ќе можат да ги искажуваат своите барања слободно, согласно законските одредби, со што ќе се докаже дека земјава се наоѓа на Европски пат каде слободата е на највисоко ниво.