Саиф ал-Адел нов лидер на Ал Каеда, бил поопасен и од Бин Ладен

Терористичката организација Ал Каеда се подготвува повторно да стане најголемата закана за светот, како што беше за време на нападите врз Њујорк од 11 септември 2001 година, бидејќи на челното место во организацијата дојде немилосрдниот лидер Саиф ал-Адел, наречен „мач на одмаздата“, за кого разузнавачките агенции тврдат дека е полош дури и од Осама бин Ладен, поранешниот лидер на Ал Каеда.

„За крволочниот Саиф ал-Адел се верува дека е новиот лидер на Ал Каеда и дека регрутира борци на Исламска држава, како и дека предизвикува страв од ѕверства низ целиот Запад. Ал-Адел (60) е поранешен египетски генерал за кого се верува дека е генијален и немилосрден стратег и дека го презема раководството на организацијата од Ајман Завахири“, пишува британскиот весник „Мирор“.

Висок британски експерт за антитероризам за весникот изјави дека, во споредба со Завахири, „Ал-Адел е многу поефикасен лидер, барем е еднаков со Осама бин Ладен, ако не и поопасен од него“.

Гласините дека Завахири најверојатно е мртов значат дека западните разузнавачи ќе мора да внимаваат на реорганизација на Ал Каеда, со оглед на тоа што Саиф, кој има база во Иран, е новиот шеф, наведува Мирор.

„Британските и американските шпиони со години ги следат потезите на Саиф, бидејќи тој беше вмешан во секој напад на Ал Каеда во последните три децении“, се додава во текстот.

Египетскиот џихадистички ветеран Ајман Завахири го презеде лидерството врз Ал Каеда по убиството на Бин Ладен во 2011 година, но од него ништо не се слушна со години.

Поранешниот експерт за борба против тероризмот на ФБИ, Али Суфан, напиша дека Саиф може да биде „третиот емир на Ал Каеда“ со тридецениски пат во оваа терористичка организација.

САД веќе нудат награда од 10,5 милиони долари за информации за Саиф, кој се бара за бомбардирањата на американските амбасади во Најроби и во Дар ес Салам, во кои загинаа 224 лица.

Саиф ја предводеше личната „Црна гарда“ на Бин Ладен, единица за заштита во Авганистан, именувана по црните шамии.