Сајкоски: Ќе ги имам предвид интересите, проблемите и потребите на сите жители подеднакво

Како кичевчанец, кој целиот живот го поминал во својот град, многу добро ги знам секојдневните проблеми и прашања кои не мачат, било тоа да станува збор за асфалтирање на улица, изградба на парк, или обезбедување топли училници за нашите деца, изјави во четвртокот на прес-конференцијата Влатко Сајкоски, кандидат за градоначалник на Кичево од ВМРО-ДПМНЕ.

Сајкоски притоа се обврза дека како градоначалник на Кичево, ќе се грижи и ќе ги има предвид интересите, проблемите и потребите на сите жители подеднакво без разлика на нивната партиска или етничка припадност.

Со подобрена инфраструктура, општина ќе ја направиме атрактивна и за странските инвеститори, порача Сајкоски, истканувајќи дека тоа значи и изградба на нови фабрики и нови работни места.

„Мојот првичен чекор ќе биде брзо екипирање на општинската администрација, која ќе вклучува квалитетни, стручни и пред се амбициозни, млади кадри кои ќе бидат фокусирани на поддршка на сите економски проекти. Следниот чекор би бил отворање на ново ЈП за проектирање на урбанистички планови кое во прво време би било финансирано од општината, а подоцна би функционирало на самофинансирање“, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поради се понагласениот проблем со иселувањето на квалификувана млада сила од Кичево и регионот, во фокусот на својот мандат Сајкоски рече дека ќе го постави на запирањето на тој процес и креирање можности за повраток на иселениците. За оваа цел, како што додаде, планира посебен проект за нивна поддршка на локално ниво.

Проблемот со греење на училиштата ќе се надмине со премин од нафта во цврсто гориво. Исто така, ќе ги поддржаи и оние посебни проекти на училиштата кои за цел би имале подигнување на стандардите и условите на едукација на нашите ученици како и на наставниот кадар. Рече и дека од посебно значење би претставувало и подготвувањето на дефицитарни кадри во средното образование посебно во дејностите каде што тие недостигаат, како и во дејностите кои сами посебе даваат можност за самовработување и брзо вработување во нашата средина.

„Точка која побудува посебни емоции, е ситуацијата со паркот и спомен костурницата „Кале“. Сметам дека по завршената реконструкција таа треба да се постави на постојано одржување. Исто така, посебен проблем за Кичево претставува и ниското ниво на градска чистота. Планот е подигање на нивото на граѓанската култура како и поставување на повеќе канти за отпад, исто така ќе изградиме повеќе подземни контејнери во централното градско подрачје“, рече Сајкоски.

Го спомена и проблемот со депонијата за цврст отпад во Кичево, за којашто тој лично верува дека ќе добие на значење поради тоа што и сегашното решение не е соодветно, и по изборите сигурно дека ќе се пристапи кон сеопфатно и трајно решавање на овој децениски проблем, како и на проблемот со кучињата скитници, сето тоа согласно поставените законски прописи.

„Од инфраструктурните зафати во нашиот град ќе ги посочам изградбата и реконструкцијата патиштата и тротоарите кон населбите Иванидол и Горица и под Крушино, со што би се зголемила безбедноста на жителите од овие населби. Исто така ќе се пристапи кон реконструкција, санација и изградба на локалниот пат кон с. Патеец и останатите села од Рабетинска река. Целосната регулација на коритото на река Сушица и уредување на кејот низ централното градско подрачје исто така ќе претставува еден од проектите кој што ќе се направат по моето доаѓање на градоначалничкото место. Канализационата мрежа за с. Другово, ќе се решава веднаш по мојот избор за градоначалник“, продолжи Сајкоски.

Како следени инфраструктурен предизвик којшто според неговото уверуање сериозно ќе биде ставен на дневен ред ќе биде гасификацијата на градот и изградба на секундарна гасоводна мрежа.

Сајкоски, ги спомена и проектите од неговата програма за развојот на ловниот и алтернативниот туризам кои исто ќе заземат соодветно место во стратегија за развој на општината која под негово водство ќе дава целосна поддршка на сите активности за промоција на оваа стопанска гранка.

Друг исто така проект кој ќе се реализира е велосипедска патека од нас. Пашино до с. Другово, покрај магистралниот пат или некоја соодветна заменска траса, а во делот од спортската проблематика посебно место и поттик во работата со младите спортски таленти Сајкоски рече дека ќе добијат и оние лица кои работат со нив, и оние млади кои навистина имаат спортски талент и се дел од нашата општина

„Ова беа само дел од многутте проекти кои планирам да ги реализирам за време на мојот мандат. Затоа, на 15-ти октомври, кога ќе ја носите одлуката за кого ќе гласате, вашиот избор не треба да биде определен од вашата политичка, етничка или друга определба. На 15-ти октомври, кога ќе отидете на гласачкото место, пред да го заокружите редниот број, размислете уште еднаш кој кандидат ви понудил реално остварливи решенија за проблемите на општината, кој кандидат ве уверил дека има знаење и има капацитет да биде вистинскиот избор за градоначалник на Кичево“, заклучи Сајкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.