Сакаат бесплатно да се лечат и учат во Србија, а кога ќе се вратат доле велат јас сум Црногорец

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави денеска дека Црна Гора спроведува анти-српска политика и дека Србија е жртва на големоцрногорска агресија, објаснувајќи дека Србите во Црна Гора не можат да добијат раководни функции, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ако Црногорците се вратат во Црна Гора, нема да имаат кој да раководи во Србија. Тие сакаат да се школуваат бесплатно, да се лекуваат бесплатно, а потоа одат долу и кажуваат – јас сум Црногорец. А во меѓувреме, Србите доживуваат тортура. Така веќе не може, изјави Дачиќ за Телевизија Прва.

Одговарајќи на реакциите на црногорското раководство дека „пребројува крвни зрнца“, Дачиќ праша дали тој забранил некому да доаѓа во Црна Гора и посочи дека во делегацијата на Министерството за надворешни работи половина биле Црногорци.

-Тие ги бројат крвните зрнца, но тие за нив се зелени крвни зрнца. Никаде повеќе не постои поголема поддршка за црногорскиот режим отколку во Белград. Кој ги оспорува нивните права. Па и Ѓукановиќ знае дека во Србија има повеќе црногорски директори отколку во Црна Гора, кажа Дачиќ.

Според него, Ѓукановиќ води таква политика за да остане на власт и заклучи дека би било многу подобро да преговара со Србите во Црна Гора.

На прашањето како го гледа решението на спорот околу неодамна донесениот Закон за слобода на вероисповеста, Дачиќ оцени дека тој може да се корегира, но дека се сомнева дека тоа ќе се случи.

-Не сме заинтересирани за внатрешни работи во Црна Гора, но нè интересираат Србите. Јас имам коректни односи со сите црногорски политичари, но да не ја менуваме тезата, бесмислено е да се каже дека Белград ја руши независноста на Црна Гора, изјави Дачиќ.

Тој додаде дека никаде нема поголема поддршка за режимот во Црна Гора отколку во Белград.

-Тие имаат агентури на службите за безбеднонст во Белград кои користат привилегии, се стекнуваат со пари во Србија за да ги малтретираат Србите во Црна Гора, кажа Дачиќ.

Во меѓувреме на оваа изјава на Дачиќ за ТВ Прва, од Подгорица стигна вест за најавата дека Црногорското Министерство за надворешни работи ќе превземе мерки против министерот-советник во српската амбасада во Подгорица за непочитување на Виенската конвенција за дипломатски односи.

-Во активностите на министерот- советник во Амбасадата на Србија, стекнати се утврдени постапки со кои флагрантно се крши духот на Виенската конвенција, добрата воља и добрата практика во меѓудржавните односи и дипломатските релации, се наведува во соопштението на црногорското МНР.

Србија вчера, како што изјави министерот Ивица Дачиќ, спроведе реципрочни мерки, откако Црна Гора го забрани присуството на состаноци на државните органи и институции на вршителот на работите на Амбасадата на Србија во Подгорица и тоа истото го сторила кон „личноста број два“ на црногорската амбасада во Белград.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.