Сакаат да ја убијат идејата – идејата ќе ги „убие“ нив

страшо ангеловски

Непријателите на идејата за независна и самостојна македонска држава свесно и недвосмислено уште од денот на формирањето на МААК во далечната 1990 година, како прва пројава на идеите на ВМРО во најновата македонска историја, пријдоа со сите сили кон негово уништување за да се спречи ширењето на македонската идеја.

Идејата, за среќа, беше појака од сите нивни подмолни методи, па остана до денешен ден да живее во името на МААК, а многу скоро се преточи и во подоцнаформираната ВМРО-ДПМНЕ. Од тој ден до денес оваа партија кај мнозинството од македонскиот народ се перцепира како ВМРО, како продолжение на стремежот за независна и самостојна држава. Токму затоа, денес, мнозинството од патриотското македонско ткиво, мнозинството од патриотите и национално освестените Македонци се поистоветуваат со коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во моментов, за жал, идејата на ВМРО има повеќе непријатели отколку кога било во изминативе 125 години, од денот на започнувањето на организираната борба за слобода на македонскиот народ и создавање на самостојна суверена и независна македонска држава. Повеќе отколку во првите години на борбата за ослободување од вековното турско ропство, повеќе отколку во времето на окупацијата и колонизацијата од страна на кралството Југославија, повеќе од времето на удбашкиот прогон на се’ што само мирисало на ВМРО после 1945, односно после насилното симнување од власт на македонската влада на Методија Андонов Ченто и инсталирање на нелегитимна, неавтентична и неавтохтона власт, инструирана, поттикнувана и со удбашки методи поддржувана од Белград.

Затоа денес, бидејќи креаторите на бришењето на македонското постоење се свесни за сето ова понапред напишано, целата своја енергија ја насочија токму кон уништување на националните партии, пред се ВМРО-ДПМНЕ. Така, во моментов, ВМРО-ДПМНЕ и неговиот претседател Христијан Мицкоски се наоѓаат на нишанот на барем седум, осум стрелци на отровни стрели. Да одиме по ред:

  1. Инсталираната власт, која е свесна дека само со разнебитено ВМРО-ДПМНЕ може да ја одработи зададената задача за бришење на македонската држава.
  2. Дел од европските сестрински партии, кои помогнаа во инсталирање на оваа власт, а кои се наоѓаат во канџите на американската длабока држава и мултинационалниот капитал, заради глобално зомбирање на светот.
  3. Во последнава година дена инсталирани, тукушто формирани, во фаза на формирање, или преку владините медиуми промовирани политички партии и здруженија, кои иако не можат ништо да сторат, гласно викаат за да може секој став на ВМРО-ДПМНЕ да изгледа мек и неодлучен во споредба со нивните „ултрапатриотски“, но и ултранефункционални заложби. Пример, најавените блокади од протестот на 18 ноември се’ уште никој ниту ги видел, ниту знае каде се.
  4. Инсталирани поединци внатре во партијата, кои соработуваат со инсталираната власт, па, еве, заедно со неа би работеле на уништување на партијата без која денес ќе беа никој и ништо. А, со овој свој потег за навек ќе останат никој и ништо.
  5. Уценети пратеници, дел заради настаните од 27 април, но и дел уплашени од санкции за нив или за нивни блиски, а заради наводен криминал.
  6. Амбицирани поединци кои го имаат огледалцето на грдата маштеа на Снежана и кое секое утро им повторува „ти си најубав, најпаметен и треба да бидеш лидер или кандидат за претседател на државата“.
  7. Стотници платени активисти по социјалните мрежи за да шират лаги и неосновани напади претежно врз претседателот Мицкоски, бидејќи знаат дека ударот врз лидерот е клин во обидот да се расцепи партијата. Истовремено, со неосновани пофалби за „ултрапатриотите“ со зададени задачи.
  8. Членови кои се чесни и загрижени, но кои токму заради својата загриженост и безусловна љубов кон Македонија, се целната група на сите претходно спомнати.

За среќа, многу скоро ќе дојде ден кога креаторите ќе сфатат дека идејата на ВМРО ќе остане жива и доколку го убијат ВМРО-ДПМНЕ и дека токму таа идеја ќе ја сочува Македонија и македонскиот народ, како и изминативе 125 години од денот на формирањето на историското ВМРО.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес