Сакам да ми се суди во Македонија, бара уапсениот македонски дипломат Миленкоски

Македонскиот дипломат, Миле Миленкоски кој е вмешан во македонско-ерменската афера и кој беше уапсен во Србија кон крајот на август испратил писмо преку своето семејство до редакцијата на „Слободен печат“ во кое бара да биде екстрадиран во Македонија и да му се суди во нашата држава.

„Од страна на Судот ми беа доставени доказите од Ерменија. Во нив нема ништо што би укажувало на моја вина, ниту пак може да има. Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“, пишува Миленкоски.

Според информациите, по барањето за екстрадикција на Миленкоски во Ерменија идната недела треба да одлучува Апелацискиот суд во Ниш, откако овластен адвокат од Врање го обжалил решението на Вишиот суд во Врање од 22 септември, како причина наведувајќи го „погрешното и непотполно утврдување на фактичката состојба“ во пресудата, како и поради битни повреди на кривичната постапка и погрешната примена на материјалното право.