Сакам Карачиќ да замине разочаран од салата

Столе порача дека Игор Карачиќ со кого седум години играше за Вардар, ќе биде во улога на поразен.

Во ракометниот клуб Вардар пред дуелот со Кјелце, в сабота од 17.30 часот во „Јане Сандански“, не откриваат дали Даинис Криштопанс ќе може да игра, но во каков состав и да истрчаат Црвено-црните, одат на победа со помош на публиката.

„Тежок натпревар е пред нас. Ситуацијата во групата покажува дека секој добиен меч те носи напред, а секој пораз те враќа чекор назад. Имаме проблеми со повредите, но ние на секој меч одиме на победа. Засега не можам да кажам кој ќе игра, а кој нема да може. Тоа важи и за Криштопанс. Утре ќе треба да знаеме дефинитивно“, рече тренерот Едуард Кокшаров.

Капитенот Стојанче Стоилов потсетува дека Кјелце е добро познат противник на Вардар, но овојпат ќе треба да се игра и против Хрватот Игор Карачиќ, кој седум години настапуваше за Вардар и остави неизбришлива трага во развојот на клубот со којшто освои две европски титули.

„Кјелце ни е голем ривал, секогаш играме интересни мечеви против нив. Наше е да одиграме најдобро што можеме и да се обидеме да победиме. Очекувам голема поддршка и од публиката. Тие се екипа слична како нашата, многу се борбени. Очекувам тензија, машка игра и на крајот некој ќе плаче. Против Карачиќ сум играл во репрезентацијата, се надевам дека тој ќе си замине разочаран од салата Јане Сандански“, порача Стоилов.