Сакав да си одам, но сега сум среќен во ПСЖ

Бразилецот Нејмар призна дека летоска сакал да го напушти ПСЖ, но дека сега е среќен во францускиот првак.

Тој во моментов е со својата репрезентација за која ќе го одигра 100. натпревар, а противник на Бразил ќе биде Сенегал. По тој повод Нејмар на прес-конференцијата зборуваше за повеќе теми.

 

Се осврна и на ПСЖ каде сега е среќен и опуштен.

„Не сум среќен само во репрезентацијата, среќен сум и во клубот. Сите знаете што се случуваше во текот на летниот преоден рок и знаете дека сакав да си одам од Париз. Сега сум среќен, опуштен и се чувствувам пријатно во клубот. Оваа сезона за мене добро започна, задоволен сум од своите игри“, вели Нејмар и додава:

„Како што веќе реков, ќе се борам за својот клуб со сите сили, ќе се трудам да бидам успешен и да го дадам максимумот со цел да оствариме добри резултати. Се надевам дека тоа што се чувствувам добро во клубот на најдобар начин ќе се одрази на мојата игра во репрезентацијата“.

Нејмар со своите 27 години веќе има 99 меча за репрезентацијата на кои има постигнато 61 гол. Јубилејниот стоти меч ќе го одигра денес од 14:00 часот против Сенегал.