Салах добил понуда од Реал Мадрид

Името на Мохамед Салах во минатото во повеќе наврати се поврзуваше со Реал Мадрид. Меѓутоа, никогаш не се говореше за официјална понуда на „Кралевите“ за Египќанецот.

Сепак, асистентот на египетскиот селектор, Хани Ремзи, во едно интервју тврди дека Мохамед Салах уште во 2018 година зборувал за понуда од Реал.

„Кога работев со Хектор Купер, имавме тренинг во Швајцарија во март 2018 година. Разговарав со Салах, а тој ми рече дека Реал Мадрид му испратил понуда. Понудата била навистина добра, но Салах разговараше со мене и Купер и одлучи да остане во Ливерпул бидејќи таму му беше пријатно“, откри Ремзи.

Истата година Салах играше финале во ЛШ против Реал, но беше повреден, а Ливерпул загуби. Една година подоцна ја освои титулата во Лигата на шампионите по триумфот над Тотенхем.

Неговиот тим оваа сезона испадна од Лигата на шампионите од Атлетико во осминафиналето, но е на прагот да ја освои Премиер лигата, прва за Ливерпул по 30 години. „Црвените“ имаат 25 бода повеќе од Манчестер Сити, но првенството е прекинато уште во март поради пандемијата на коронавирусот.