Сали Бериша неподобен за влез во САД

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен денеска јавно го означи Сали Бериша, поранешниот претседател и премиер на Албанија поради неговата вмешаност во значителна корупција и му забрани влез во САД, соопшти Стејт Департментот.

„Во улога на премиер на Албанија конкретно, Бериша беше вмешан во коруптивни дејствија, како злоупотреба на јавни фондови и мешање во јавни процеси, вклучувајќи користење на неговата моќ за лична корист и збогатување на неговите политички сојузници и негови роднини на сметка на довербата на јавноста во Албанија во владините институции и јавни функционери. Понатаму, неговата реторика демонстрира волја да се заштити себеси, неговите роднини и неговите политички сојузници на сметка на независни истраги, антикорупциски напори и мерки за одговорност. Со ова означување, јас ја потврдувам потребата за одговорност и транспарентност во демократските институции во Албанија, владините процеси и дејствијата на албанските јавни функционери“, се вели во изјавата на Блинкен, кој ги означи и сопругата на Бериша, Лири, син му Шкелзен и ќерката Аргита.

На сите четворица им е забранет влез во САД.

Блинкен вели дека САД ќе продолжат да ги користат ваквите овластувања за да промовираат одговорност кај корумпираните актери во регионот и глобално.