Сали Бериша поднесе тужба против Ентони Блинкен

Поранешниот албански премиер Сали Бериша, кој претходно се наоѓаше на „црната листа“ на САД, поднесе тужба до парискиот суд против американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Блинкен на почетокот на оваа година објави дека САД им забраниле на Бериша и неговото семејство влез во таа земја, наведувајќи го фактот дека САД официјално ги сметаат поранешниот албански премиер и неговото семејство за корумпирани.

Бериша денеска изјави дека тужбата е поднесена во негово име од адвокат кој го ангажирал откако Блинкен одлучил да го прогласи за персона нон грата, а по дезинформациите на Сорос, пренесува приштинскиот весник Коха.

Како што истакна Бериша, неговиот адвокат поднел тужба до парискиот суд и таа се базира на претходните преседани и на универзалниот принцип дека „не постои имунитет за клевета“.

Тужбата е поднесена и врз основа, додаде тој, на друг универзален принцип дека „клеветата преку Интернет е казнива насекаде“.

„Го повикувам секретарот Блинкен да ги достави до судот, во име на транспарентноста, сите докази кои ги има против мене и моето семејство“, изјави Бериша на прес-конференција.

Во мај годинава, државниот секретар на САД Ентони Блинкен јавно го означи Бериша, поради неговата вмешаност во корупција и му забрани влез во САД, соопшти Стејт Департментот.

„Во улога на премиер на Албанија конкретно, Бериша беше вмешан во коруптивни дејствија, како злоупотреба на јавни фондови и мешање во јавни процеси, вклучувајќи користење на неговата моќ за лична корист и збогатување на неговите политички сојузници и негови роднини на сметка на довербата на јавноста во Албанија во владините институции и јавни функционери. Понатаму, неговата реторика демонстрира волја да се заштити себеси, неговите роднини и неговите политички сојузници на сметка на независни истраги, антикорупциски напори и мерки за одговорност. Со ова означување, јас ја потврдувам потребата за одговорност и транспарентност во демократските институции во Албанија, владините процеси и дејствијата на албанските јавни функционери“, пиша Блинкен, а ги означи и сопругата на Бериша, Лири, син му Шкелзен и ќерката Аргита.