Со контролите на ФЗОМ, според министерот за здравство Беким Сали, во првата фаза се испитуваат финансиските неправилности во исплатата на платите на директорите на клиниките. Тој рече дека кај дел од директорите имало континуирани неправилности.
„Дел од директорите кај кои при управувањето со јавни здравствени установи се забележаа одредени неправилности беше побарано од нив да се повлечат и морам да изразам благодарност дека тука имаше разбирање и се согласија на самоволно повлекување од функцијата“, изјави Сали, кој денеска присустуваше на отворањето на новиот дијагностички центар во ГОБ „8 Септември“.
Тој порача дека контролите од страна на Фондот за здравство продолжуваат и понатаму и оти ниту една јавна здравствена установа нема да биде исклучена од оваа фаза на контролирање.
На негово барање на 2-ри месецов оставки поднесоа директорите на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова и на Клиниката за радиотерапија и онкологија Никола Васев. Исто така беше разрешен и организацискиот директор на Универзитетската клиника за детски болести, Аљајдин Мемеди.
-Нема селективност во смената на директорите во јавното здравство, изјави премиерот Димитар Ковачевски кој присуствуваше на истиот настан и најави дека во иднина, кадровските прашања ќе се решаваат според анализите од контролите за работата на менаџерите што ги спроведува Министерството за здравство.
„Не постои никаква селективност бидејќи колку што знам на Детската клиника покрај тоа што оставка си поднесе директорката, беше разрешен и економскиот директор. Јас не би прејудицирал ништо, но сметам дека тоа што беше направено е во согласност со она што како податоци го имаа самите директори и Министерството за здравство,“ изјави Ковачевски.