Сали: За раскинување на тендерот за „Клинички“ Италијанците бараат 8 милиони евра

Министерот за здравство Беким Сали вели дека италијанската компанија за раскинување на договорот за изградба на нов Клинички центар во Скопје бара отштета во износ од околу 8 милиони евра.

– Имаме еден документ којшто е побарување од 8 милиони евра, за којшто исто така, немаме одговор од истата компанија којашто го доби тендерот и беше поништен. На нашето барање за состанок за условно кажано за докажување на долгот, колку е за кој дел и зошто го бара тој износ, не сме имале никаков одговор – рече Сали денеска, по потпишувањето на Правилникот за функционална проценка на деца и млади со попреченост во Владата.

Во мај 2017 година тогашниот министер за здравство Никола Тодоров соопшти дека новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит” и „Бетон”, во соработка со италијанска компанија „Инсо системи”.

Подоцна овој договор го раскина неговиот наследник Венко Филипче.