Салвини е „херојот“ на Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во вторникот дека италијанскиот министер за внатрешни работи и челник на десната антидоселеничка и евроскептична партија Лига, Матео Салвини, е негов „херој“, во пресрет на разговорите меѓу нив кои ќе се одржат во Милано.

„Тој е мојот херој и партнер на патот“, изјави за новинарите во Милано, Виктор Орбан непосредно пред средбата со Матео Салвини којашто започна во 17 часот по локално време.

Салвини и Орбан се поврзаници на поостриот став на Европската унија во однос на имигрантите коишто доаѓаат на европскиот континент.

„Унгарија е доказ дека имигрантите може да се запрат на копно. Тука почнува улогата на Салвини. Тој мора да покаже дека имигрантите може да бидат сопрени и на море“, изјави за новинарите Орбан чијашто земја за да се одбрани од мигрантскиот бран подигна стотици километри жичана ограда на своите јужни граници кон Србија и Хрватска.

Орбан, исто така, рече дека Салвини е првиот политичар во Средоземјето кој сака да го запре големиот наплив на имигрантите. Со минатата влада (на Италија, на левицата – з.р.), додаде, имав многу лоши односи бидејќи константно ги навредуваше Унгарците.

„Унгарија постојано ја напаѓаат бидејќи покажа дека границите може да се заштитат, додека Брисел вели дека имигрантите не може да ги сопре и дека мора да им се овозможи влегување“ во земјите на ЕУ, додаде Орбан.

Недалеку местото на средбата меѓу Орбан и Салвини, левицата организираше протести на кои учествувале илјада луѓе. „Не ја сакаме Европа на унгарскиот водач Орбан кој вели дека е пријател на Салвини, но чии врати, кога станува збор за оние кои бегаат од војната, секогаш се затворени“, изјави Емануело Фиано, пратеник на левичарската Демократска партија која на последните парламентарни избори во мај доживеа дебакл и од досега владејачка партија стана третата политичка сила во Италија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.