Салвини победник, Движењето пет ѕвезди губитник на покраинските избори

Лига, партијата од крајната десница на италијанскиот министер за надворешни работи Матео Салвини, победи во неделата на изборите во покраината Абруцо, а тежок пораз претрпе антиестаблишмент и евроскептичното Движење пет ѕвезди (М5S), двете партии кои ја сочинуваат владејачката коалиција.

Лига самата освои 28 отсто од гласовите во споменатиот централен регион на Италија, што е двојно повеќе отколку на парламентарните избори во март 2018 година, објави министерството за внатрешни работи. М5Ѕ, пак, кое на парламентарните избори освои најмногу гласови – 32 отсто, во неделата освои 19 отсто од гласовите, пто е послабо и до опозицискиот лев центар кој целиот освои 31 отсто.

„Благодарам Абруцо, благодарам Италија“, напиша на Twitter Салвини кој воедно е и потпретседател на владата.

Конзервативниот кандидат на Лига, Марко Марсилион, беше избран за челник на Абруцо со речиси 50 отсто гласови, според прелиминарните резултати.

Откако во јуни влезе во владата со Лига, М5Ѕ постојано бележи намалување на рејтингот. Од друга страна, пак, расте поддршката за Лига. Двете партии ја сочинуваат централната влада на Италија, но на другите избори излегуваат одвоено. Така во неделата во Абруцо, Лига беше во коалиција со Напред Италија, на поранешниот италијанскиот премиер Силвио Берлускони.

Вкупно коалицијата на десницата, којашто покрај Лига и Напред Италија ја вклучува и помалата партија од крајната десница Италијански браќа (Fratelli d’Italia), во неделата освои 48 отсто од гласовите.

Неделните избори во Абруцо се показател на распоредот на силите во владејачката коалиција. Поттикнат од овој резултат, Салвини би можел да реши кандидатите на неговата партија на изборите за Европскиот парламент во мај да се кандидираат засебно од партнерот М5Ѕ за да остварат подобар резултат, пишува агенцијата AFP.