Салвини повика на демонстрации на 19 октомври во Рим

Лидерот на италијанската десничарска Лига, Матео Салвини, кој го предизвика падот на првата италијанска популистичка Влада и се најде исклучен од идната власт, денеска ги повика свои приврзаници на 19 октомври во Рим да излезат на големи демонстрации.

– 19 октомври мислам дека ќе биде голем ден на италијанската гордост, рече Салвини во видео снимка објавена преку социјалните мрежи.

Италијанскиот претседател Серџо Матарела денеска и официјално му даде налог на премиерот во заминување Џузепе Конте да ја формира новата влада врз основа на договорот меѓу Демократската партија на левиот центар и антиситемското Движење пет ѕвезди.

Салвини порача дека нема да дозоволи да го откачат со мала игра во претседателската палата.

Конте на 8 август беше присилен да поднесе оставка кога Салвини ја повлече својата поддршка за владата, во која беше 14 месеци.

Демократите и Движењето пет ѕвезди вчера се договорија да формираат нова влада  предводена од Конте, со што, барем засега, е избегната опасноста од предвремени избори, иако неизвесноста останува.

Салвини, кој се уште е вршител на должноста министер за внатрешни работи, вети враќање на неговата партија во прв план во земјата и кажа дека е порешителен од било кога претходно, притоа осудувајќи ја „владата родена во Брисел“. Тој додаде дека Италија нема да биде ничиј слуга.

-Тие нема долго да траат, ние веќе се подготвуваме. Не можат тие на Италијанците да им го одземат правото на гласање, рече Салвини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.