Салвини во Италија планира голем собир на европските партии од крајната десница

Италијанскиот вицепремиер Матео Салвина во петокот најави дека ќе биде домаќин на голем собир на европските суверенистички и партии од крајната десница, за да промовираат заедничка политичка визија во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај.

Матео Салвини, кој е и министер за внатрешни работи и лидер на десната и противемигрантска партија Лига којашто владее во Италија во коалицијата со евроскептичното и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди (М5S), се надева дека ќе го обедини блокот слични партии во Европскиот парламент, за спротиставување на традиционално досега доминантните партии од левиот и десниот центар.

Досега поради судрените национални интереси, Салвини немаше успех во намерата да се оформи широк суверенистички фронт во Европската унија. Меѓутоа, по разговорот со долгогодишната француска сојузничка Марин Лепен, Салвини за медиумите откри дека следниот месец планира многу поамбициозен предизборен собир.

„Во мај во Италија подготвуваме огромен настан за Европа во следните 30 години, на кој ќе ги поканиме сите европски движење кои претставуваат алтернатива за владеењето на социјалистите и европските народни партии изминатите години. Тоа ќе биде првпат во Италија да се одвива настан кој обединува најмалку 15 до 20 европски држави“, истакна Салвини пред новинарите во текот на неговата посета на Париз.

Италијанскиот вицепремиер не откри кои други партии од Европа ѝ се придружиле на иницијативата. Партијата Лига се надева дека настанот ќе биде организиран на некогашниот староримски стадион за трките со кочии Циркус Максимус.

Европските партии формираа разни меѓународни политички групации во рамките на Европскиот парламент, а Лига е член на Европа на нациите и слободата (ENF) во која се и Националниот собир на Марин Лепен и австриската владејачка Слободарска партија (FPOe).

Салвини сака да привлече и други партии од крајната десница и националнистички челници чии партии се во други групации во ЕП, како што е Фидеш на унгарскиот премиер Виктор Орбан и владејачката полска Право и справедливост (PiS) на Јарослав Качински. Качинаски со Салвини се сретна во јануари годинава, но во PiS се сомничави околу блиските односи кои Лепен и Салвини го одржуваат со Москва, па во петокот објавија дека нема да ѝ се придружи на оваа групација.

„Се сретнавме со Салвини пред неколку седмици и ги изнесовме своите услови по прашањето на Европскиот парламент. Не предвидуваме никакво натамошен контакт до завршувањето на избори“, порача Томаш Пореба, шеф на кампањата за европските избори на PiS.

Оваа партија, пак, претходно седмицава изрази добредојде за италијанската крајна десна партија Италијански браќа во својата политичка групација Европски конзервативци и реформисти (ECR).

„Ние сме суверенисти. Тие се популисти… Не мислам дека проектот на Салвини е доволно јасен околу тоа што сака со Европа“, рече во четвртокот челничката на партијата Џорџа Мелони за весникот La Stampa, алудирајќи на партијата Лига.

Салвини откри дека во понеделник ќе му се придружат евроскептичната и антиимигрантска Алтернатива за Германија (AfD), конзервативните Партија на Финците и Данската народна партија.

Копретседателот на AfD, Јерг Мутхен за La Stampa рече дека иако тој и Салвини имаат слични погледи во однос на миграциите, се разликуваат по прашањето на клучните економски прашања, како што е потребата за почитувањето на европските фискални правила. „Не можеме да се согласиме во сѐ. Ќе разговараме за тоа, и ќе пронајдеме компромиси“, рече Мутхен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.