Грчкиот премиер Андонис Самарас, денеска изјави дека претстојното грчко претседателство на Европската унија ќе биде „претседателство на можностите, а не на кризата“, истакнувајќи дека агендата ќе биде базирана на клучни приоритети како создавање на работни места, монетарна унија, борба против илегалната имиграција и морската политика на Европа, пишува весникот „Катимерини“.
Грчкиот премиер го истакнал ова на заедничката прес-конференција во Брисел со претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, по средбата на грчка владина делегација со 28 – члената комисија.
Средбата на која присуствуваа и вицепремиерот Евангелос Венизелос и министерот за финансии Јанис Стурнарас, како и други високи грчки претставници, е дел од подготовките на Грција за преземањето на шестмесечното ротирачко претседателство на ЕУ од први јануари 2014 година.
„Грчкиот народ направи огромна, неверојатна жртва, за да стигнеме до тука“, изјавил Самарас, истакнувајќи дека извршените структурни реформи беа потребни покрај кризата, за да биде зголемена конкурентноста на Грција. Во врска со преговорите со Тројката меѓународни кредитори премиерот изрази оптимизам дека ќе биде постигнат компромис пред крајот на годината.
Од своја страна, Баросо ја окарактеризирал средбата како конструктивна и оценувајќи ја позитивно решителноста покажан од грчките граѓани и властите, за време на овие тешки времиња, додавајќи дека земјата е „во последните метри на маратонот“.
„Европа нема да биде Европа денес без Грција“, додал Баросо, ставајќи акцент врз минатото на средоземноморската земја, но и на тековните напори за надминување на должничката криза и рецесијата.