Само 30 пратеници противуставно ја спасуваат кариерата на Заев, кој нема контрола во партијата

Toa што само триесетина од 120 пратеници ја поддржуваат противуставната борба за фотелја на Заев кажува дека е осамен во борбата за власт, додека луѓе умираат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ откако СДСМ излезе со иницијатива за свикување на Собранието.

„СДСМ е единствената партија во светот чиј лидер спасот од одговорност го гледа во борбата за фотелја наместо во борба за здравјето на граѓаните. Додека Заев е таков, Спасовски, пак, е единствениот премиер кој поради непостоечки случај на корона се смести себе си во изолација и половина влада. Толку се неспособни што министерот за здравство не може да ја заштити сопствената влада, а камо ли да го заштити народот“, порачува опозициската партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев очигледно е подготвен по цена и на животи да се бори за фотелја, затоа што така мисли дека ќе се спаси од одговорност за криминалот. Од тие причини е подготвен да го крши Уставот и да враќа веќе распуштено Собрание, што би било уште еден голем преседан и брутално газење на Уставот.

„Тоа што само триесетина пратеници ја поддржуваат неговата иницијатива од вкупно 120, покажува дека Заев нема контрола во борбата за спас на неговата кариера. Заев да престане да се однесува лешинарски и да ја става кариерата пред здравјето на граѓаните“, констатираат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:

„Додека македонските граѓани се соочуваат со еден од најтешките моменти од осамостојувањето на Македонија, СДСМ по кој знае кој пат покажа дека не може и не сака да ги стави државните интереси пред личните и партиските. Граѓаните ова го препознаваат и ќе го казнат“.