Само бод за „Металург“ против „Извиѓач“

Ракометарите на „Металург“ го освоија првиот бод во новата сезона од СЕХА лигата откако ремизираа 27:27 на домашен терен против босански „Извиѓач“, иако го имаа последниот напад за победа. Домаќините пропуштија голема шанса за прв триумф против екипата која исто така по првите три кола е без победа.

Ракометарите предводени од Данило Брестовац одиграа одлично прво полувреме во кое на два пати имаа и пет голови предност 11:6 и 12:7, а на одморот заминаа со 14:11.Сепак, домаќините во второто полувреме паднаа и направија неколку несфатливи технички грешки. „Извиѓач“ дојде во водство и на неколку пати имаше два гола предност, но домашните ракометари во финишот изедначија и дојдоа до позитива од еден гол разлика. Гостите израмнија во последната минута, а завршниот напад го имаше „Металург“, но не успеа да реализира.

Најефикасни во „Металург“ беа Серафимов и Шилегов со по шест голови, а Мартин Томовски имаше 12 интервенции.