Само дневна кафе-шема, кафулињата и рестораните од денеска ќе работат до 21 часот

Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство беа регистрирани нови 913 случаи со КОВИД-19 од 2731 тестирање и 24 починати пациенти, најмногу од почетокот на епидемијата. Тие се на возраст од 37 до 82 години и со нив досега вкупно 1049 луѓе од земјава ја загубија битката со вирусот.

Вкупниот број заразени достигна  33 908, а оздравени се 21 665. Активни се 11 194 случаи, од кои речиси половина (5304) се во Скопје.  Меѓу 913-те новозаразени,  исто така, најмногу се во главниот град (459). Висок е бројот и во Велес (79) и Прилеп (78), а двоцифрени нови случаи имаат и Тетово – 44, Охрид – 37, Битола – 33, Струмица – 26, Куманово – 25, Кавадарци – 24, Штип – 18 и Струга – 11.

Владата вчера на седница ги усвои новите мерки со цел да се спречи ширење на заразата. Угостителските објекти, вклучително и тие што се на бензинските пумпи, нема да работат по 21 часот. Исклучок се угостителските објекти на ТАВ-аеродромите во Скопје и Охрид, хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите, како и доставата и шалтерската продажба на храна.

На седницата Владата донесе одлука по 21 часот да биде забрането групирање на повеќе од четири лица на јавен простор. Усвоена е  препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на државава по 21 часот да не се движат на јавен простор доколку немаат важни и неопходни потреби, како и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите за семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница.