Само што почна седницата за Законот за ЈО, Џафери даде пауза од еден час. Се чека министерката Дескоска

Седницата за Законот за ЈО денеска започна по половина час задоцнување, после средбата на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со координаторите на пратеничките групи. Само што започна, седницата беше прекината по барање на пратеничката од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова, која реагираше зошто нивни координатор не бил повикан на средбата.

Откако Џафери почна со објаснување на законот, збор побара координаторот на СДСМ, Јован Митревски, кој рече дека ако треба ќе се работи 24 часа, за до недела за да се донесат сите закони кои се услов за одржување на изборита на 12 април.

На тоа реплицираше координаторот на опозицијата, Никола Мицевски, кој му порача дека избори на 12 април мора да има како што било договорено на средбата кај претседателот Стево Пендаровски, избори без никакви услови. Според него, СДСМ намерно одолговлекува затоа што имал доволно време за да се донесат голем дел од законите, но тоа не го направиле, па сега се вадат со опозицијата.

Кога Џафери ја продолжи седницата, Мицевски пак реагираше на тоа дека министерката за правда Рената Дескоска, иако барала јавна расправа за законот, не ги послушала експертите и не дошла во Собранието да го образложи, по што Џафери побара пауза од еден час, додека дојде министерката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.