Самоукиот изработувач на виолини од Велес стекна светска слава

Светозар Богдановски, кој првата виолина ја направил пред 35 години за својот син Костадин, тогаш на седумгодишна возрат кој сакал да изучи да свири на овој гудачки инструмент, денес стекнува меѓународна слава на која внимание ѝ посветуваат светските медиуми.

Виолините на Богдановски денес постигнуваат цени од 60.000 евра и се продаваат ширум светот, а Костадин Богдановски е виолинист со меѓународно реноме се наведува во прилогот на Reuters TV. Во прилогот се додава дека на виолина свири и неговата помлада сестра Фросина Богдановска.

„Морав да му создадам услови да се развива. Првиот беше да има добар инструмент кој тогаш не можев да му го овозможам“, вели Богдановски.

Тој своевремено се откажал од својата работа како уметник за целосно да правање виолини.

Неговата сопруга Марија, којашто е професорка по виолина, и колешката уметница Татјана Мишева, му се придружиле во фирмата која досега произвела повеќе од 700 инструменти, се наведува во прилогот преземен во The New York Times. Некои од нив се копии на виолините на славниот италијански мајстор Гварнери.

Богдановски долниот дел од своите инструменти го изработува од јавор, а горната (или предната) страна од смрека исклучително од босанските шуми. Дрвото прво се суши, а потоа неколку години се натопува во солена вода пред да започне правењето на инструментот.

„Секоја виолина има нешто специфично и уникатно. Не постојат две исти, иако така изгледаат. Се разликуваат како што се разликуваат луѓето“, вели Богдановски.

Од мноштвото меѓународни награди кои ги добил, особено е горд на онаа којашто ја заслужил во конкуренцијата на занаетчии, наследници на славните мајстори од Кремона. Двапати ја има освојувано и престижната годишна награда на Американскиото виолинистичко друштво во 2008 и 2012 година.

Американската виолинситка Рејчел Бартон купила еден инструмент на Богдановски за нејзината лична колекција со единствена, којашто ја позајмува на млада талентирана виолинистка. Меѓу другите истакнати виолинисти кои свират на неговите инструменти се српскиот Роберт Лакатош и грчкиот Јониан-Илија Кадеса.