Од денес почнува вториот циклус од програмата за самовработување со која ќе се поддржат 960 невработени лица кои имаат своја бизнис идеја и сакаат да формираат сопствен бизнис.
Вицепремиерот за економски прашањa Владимир Пешевски, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Попоски денес информираа дека на овие лица ќе им се даде шанса да добијат неповратни средства, грант во износ од 201.000 денари.
-За реализација на овој втор циклус Владата обезбеди околу 84 милиони денари со кои ќе се помогне создавањето на 400 мали компании кои ќе влијаат на раздвижувањето на македонската економија и намалување на невработеноста, истакна Пешевски.
Вицепремиерот посочи дека Програмата за самовработување како мерка од оперативиот план има за цел да го поттикне претприемништвото, а фактот што не постои општина во земјава во која не се основале мали бизнис претпријатија преку оваа програма, говори дека програмата поттикнува создавање на економски субјекти на територијата на целата државата.
Министерот Спасов во однос на оваа мерка истакна дека истата има висок процент на успешност.
– Преку 70 проценти од основаните бизниси сè се уште активни. Меѓу активните фирми има раст на вработени за 39 %. На пример во 15 најуспешни фирми кои имаат од 10 до 32 вработени, вкупно се вработени 250 лица. Всушност тоа е целта на оваа програма, да се поддржат невработените лица со оваа програма во основање на сопствена фирма, формализирање на веќе постоечка неформална дејност и во создавање на дополнителни вработувања, посочи Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување истакна дека за 32 најиновативни бизниси ќе се доделат поголеми средства, односно 240.400 денари.
На територијата на Град Скопје за пет кандидати од областа на занаетчиската дејност ќе добијат дополнителни средтсва, односно 328.680 денари за секој од нив, а ќе добијат и бесплатни простории за кои ќе биде платена закупнината и бесплатни сметководствени услуги. Воедно, Агенцијата за вработување на Република Македонија предвидува за оние фирми кои ќе искажуваат дополнителни потреби за вработувања, односно 60 компании кои ќе докажат дека имаат вистински потреби во нивнит бизнис план, покрај самовработувањето на лицето да добијат можност за вработување на уште едно дополнително лице, а за таа цел ќе бидат доделени 92.000 денари за секој од овие бизниси.
Програма за самовработување, во период од 2007-2014 основа 6.775 микро бизниси односно обезбеди 6.885 нови вработувања. 2.426 од основачите на микробизниси се жени, додека 2.070 се млади на возраст до 29 години што според институциите е уште еден показател за успешноста на проектот за кој има голем интерес.