Шампионот подобар во македонското дерби на стартот од СЕХА лигата

Средбата меѓу Вардар и Металург во средата вечерта донесе неизвесност до средината на второто полувреме, но откако актуелниот првак во регионалното натпреварување ги стегна редовите а младите „металурзи“ ги стаса заморот, бодовите останаа во „Јане Сандански.

Вардар победи со 34:28 (17:15) и ова беше 14-ти меѓусебен натпревар на Вардар и Металург во СЕХА Газпром лигата, а 12-ти во регуларен дел од сезоната. Останува доминацијата на „црвено-црните” кои по десетти пат триумфираа.

Вардар настапи без Вуко Борозан и Игор Карачиќ кои се жалат на повреди, па не беа на теренот, исто како и капитенот Стојанче Стоилов кој се повреди на турнирот во Франција во петокот.

Десниот дек на Вардар, Даинис Криштопанс стана најдобриот стрелец во историјата на СЕХА Газпром лигата со 582 гола надминувајќи го Радомир Антл. Криштопанс мечот го заврши со четири голови. Тимур Дибиров во 26 минута од мечот го постигна својот 5 гол на средбата, а 50-ти во меѓусебните дуели на Вардар и Металург со што е најдобриот стрелец на македонското дерби во СЕХА лигата.

Натпреварите меѓу Вардар и Металург секогаш биле неизвесни, особено оние на почетокот на сезоната. Сѐ до 15 минута нашиот ривал се држеше, а во 17 минута израмни на 10:10 по што следуваше иницијатива на Вардар. За три минути брзо реализираше неколку напади и направивме водство до 14:-10. Тешко се играше на двете страни, и се користеа повеќе играчи од клупата. Се бараше начин како да ја наметне својата игра, а да го сопре противникот.

Вардар до крајот на првиот дел го задржа водството, и двата гола предност (17:15) можеа да бидат и повисоки, доколку неговите играчи одиграа попрезицно во некои ситуации.

Се чини дефинити Металург го положи оружјето по 43 минута кога настана кошкање на теренот, кога на две минути беше исклучен поради груб прекршок Маџовски, а црвен картон на Дибиров. Потоа поради приговор од клупата исклучување доби и Чупиќ. Вардар тогаш ја продолжи серијата од 3:0 и го зголеми водството од 26:23 на 28:23. Во завршницата домаќинот имаше водство од 33:25 и веќе немаше дилеми околу победникот.

Рожерио Мораеш со осум гола беше најефикасен во составот на Вардар, Дибиров заврши со пет, а по четири погодоци запишаа Даинис Криштопанс, Иван Чупиќ и Данил Шишкарев. Дејан Милосављев го заврши натпреварот со 12 одбрани. Кај Металург нападот го предводеше Халил Јагањац со максимални шест од шест, а Томилсав Јагуриносвки и Филип Кузмановски завршија со по четири погодоци. Мартин Томовски имаше вкупно девет одбрани на голот на Металург од кои повечето ги запиша во првиот дел од мечот.