Сан Антонио избори мајсторка со Денвер

EPA/LARRY W. SMITH SHUTTERSTOCK OUT

Кошаркарите на Сан Антониот Спарс изборија мајсторка откако во шестиот дуел од првиот круг на доигрувањето во НБА лигата пред домашните гледачи ги совладаа Денвер Нагетс ноќта кон петокот со 120:103.

Сега резултатот во серијата до четири победи е израмнет на 3-3, а решавачкиот натпревар ќе се одигра во Денвер, во неделата утрото во 4 часот по македонско време. Победникот во вториот круг ќе се соочи со Портланд Трејл Блејзерс.

Сан Антониот речиси постојано беше во водство, а во последната четвртина влезе со предност од 90:85. Но за пет минути во последниот дел Спарс направија серија од 17:2, и отидоа на 20 коша предност (107:87) со што мечот беше решен.

Кај Спарс најдобар беше центарот Ламаркус Олдриџ со 26 поени и 10 скокови. Демар Дерозен додад 25, а Руди Геј 19 коша. Нагетс ги предводеше српскиот центар Никола Јокиќ со 43 поени, 12 скокови и 9 асистенции, Џамал Мареј постигна 16 а Гери Херис 14 коша.