Сан Франциско стана првиот град во САД кој ги забрани е-цигарите

Сан Франциско стана првиот американски град кој ја забрани продажбата на електронски цигари, додека не се разјасни нивниот ефект врз здравјето.

Градските власти на Сан Франциско изгласаа забрана за продажбата на електронските цигари во продавниците, но и за онлај продавачите се забранети испораките на уредите на адреси на купувачи.

Токму во Сан Франциско се наоѓа седиштето на „Juul Labs“, најпознатата американска компанија за производство на е-цигари. Од компанијата соопштија дека веруваат оти ваквиот потег само ќе ги поттикне купувачите да се вратат на обичните цигари, и истовремено ќе предизвика „растење на црниот пазар“.

Градоначалничката на Сан Франциско, Лондон Брид, има рок од десет дена за потпишување на законот. Најави дека има намера тоа и да го стори, а законот ќе стапи на сила седум месеци по нејзиното потпишување. Меѓутоа, претпоставува дека воведувањето на овој закон би можело да претставува правен предизвик.

Активистите коишто се противат на продажбата на електронските цигари велат дека целната група на компаниите се младите луѓе на коишто им се нудат различни вкупсови на е-цигарите. Компанијата „Juul Labs“ веќе од пазарот повлече некои вкусови за електринските цигари, како што се од манго и од краставица, а ги згасна и профилите на Instagram и на Facebook.

Иако е потребно да се спроведат дополнителни научни истражувања за да се утврди ефектот на електронските цигари врз здравјето, активистите сметаат дека тие може да ги наведат младите да минат на пушење на вистинските тутунски цигари. Американскиот центар за контрола и превенција на болестите објави дека бројот на американски тинејџери кои консумираат никотински производи минатата година се зголемил за 36 отсто, а меѓу нив голем број користеле електронски цигари. Во согласност со американскиот сојузен закон, лицата помлади од 18 години не може да купат тутунски производи, а во некои држави оваа граница е подигната на 21 година.