Санчез повторно не доби парламентарна поддршка за составување влада, Шпанија пред повторување на изборите

Pedro Sanchez (Photo by OSCAR DEL POZO / AFP)

Социјалистичкиот премиер на Шпанија, Педро Санчез, ниту во четвртокот не доби доволна поддршка во парламентот за составување на владата, па Шпанците во ноември можеби повторно ќе треба да излезат на гласачките кутии.

Меѓутоа, до 23-ти септември кога е крајниот рок за составување на новата шпанска влада, Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE) може да свика ново гласање, доколку во меѓувреме по сите неуспешни обиди успее конечно да постигна договор со левичарската формација Обединети можеме (Unidas Podemos), со која заедно имаат 165 пратеници во парламентот со 350 мандати.

По првото гласање во вторникот, кога не ги доби потребните 176 гласови, на второто гласање во четвртокот на PSOE им беа потребни само повеќе гласови „за“ отколку од оние кои ќе гласаат „против“, без разлика на тоа колку пратеници гласале. Меѓутоа, за новата влада на Педро Санчез гласаа 124 пратеници, а против беа 155, а од гласањето се воздржаа 66 пратеници.

Социјалистите од PSOE на изборите одржани на 28-ми април освоија 123 места во парламентот и оттогаш водат преговорите со левичарската Unidas Podemos кои имаат 42 мандати. Притоа се очекуваше пасивна поддршка од регионалните каталонски партии, што во крајна линија на Санчез ќе му овозможеше да остане на власт. Каталонската републиканска левица (ERC), која е поборник на каталонската независност, има 15 пратеници во парламентот во Мадрид, а во четвртокот беше воздржана од гласањето со што овозможи лесно претежнување на гласовите „против“.

И по седум кругови од преговорите, двете најголеми партии од левицата не успеаја да постигна договор за формирање коалиција. Во четвртокот PSOE и Unidas Podemos продолжија да се препукуваат преку медиумите, префрлувајќи си ја едни на другите вината за пропаднатите преговори, од кои последните се одржаа доцна ноќта кон четвртокот. Преговорите меѓу двете партии пропаднаа поради разијдувањата околу управувањата со економските и социјалните ресори. Дека двете партии тешко ќе постигнат договор беше видливо уште минатата седмица, по неуспешниот состанок на нивните лидери Педро Санчез и Пабло Иглезијас. Санчез одби да го има Иглезијас во својата влада, па вицепремиерското место ѝ го понуди на Ирена Монтеро, партиска колешка и девојка на Иглезијас.

„За сето ова време немаше никаков разговор околу програмата или проекти, туку само околу тоа кому ќе припадне кое министерско место и која личност ќе го заземе“, рече непосредно пред гласањето Соледад Гаљего-Диаз, директорка на еден од најтиражните светски дневни весници El Pais.

 

Проблемите со формирање на владата се и на двете страни на шпанскиот политички спектар. Шпанија, имено, по четири децении од воведувањето на демократијата нема искуство во формирањето коалициски влади на национално ниво. Сосема поинаку е на регионално и локално ниво, каде што PSOE и Unidas Podemos имаа досега неколку заеднички власти. Меѓутоа, во последно време и на тие нивоа се расипани нивните односи. Кулминацијата на разијдувањата дојде минатата седмица кога Санчез дефинитивно го одби влегувањето на Иглезијас во неговата влада.

Потоа PSOE одби да му ги препушти на потенцијалниот коалициски партнер министерствата за труд и за финансии. „Доколку прифатевме, ќе имавме две влади во една влада“, коментираше Санчез. Тој им ги понуди министерството за здравство и поторшувачка, министерството за станбени прашања и социјална економија, и министерството за рамноправност.

Unidas Podemos, кои се противници на мерките за штедење кои во текот на шпанската финансиска криза ги заговараше Брисел, како и против либерализацијата на пазарот на трудот, ја одби понудата на социјалистите. „Баравме сѐ да биде пропорционално, според бројот на пратениците кои ги имаме“, возврати Иглезијас.

Во Шпанија од воведувањето на демократијата во 1982 година на власт се менуваа левиот центар PSOE и десниот центар Народната партија (Partido Popular – PP), кои секогаш имаа апсолутно мнозинство во парламентот. Но во 2014 година под ударот на економската криза и корупциските скандали на сцената се појавија нови политички сили нарушувајќи го трационалниот двопартизам.

Пред парламентарните избори во април, дури пет партии се надеваа дека ќе учествуваат во формирањето на новата влада. Покрај наведените две етаблирани партии, во парламентот влегоа и Unidas Podemos, партијата на центарот Граѓани (Ciudadanos) и партијата од крајната десница Глас (Vox). Потенцијалната коалиција на трите партии од десницата, вклучително и Граѓани, не беше можна по изборите бидејќи заедно освоија 134 мандати, далеку под потребни 176 за составување на владата.

Санчез и Иглезијас може да се вратат на преговорите во текот на следните два месеца, бидејќи на 23-ти септември може да се свика ново гласање за владата. Доколку и тогаш Шпанците не добијат влада, ќе излезат на повторените парламентарни избори на 10-ти ноември.