Санчез му објасни на Рама зошто Шпанија не го признава Косово

Премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон кој денеска престојуваше во Тирана, во однос на пристапување на Албанија кон евроинтеграциите рече дека не поставуваат рокови, но изразуваат политичка поддршка.

-Не можеме да поставиме конкретен рок, но изразуваме политичка поддршка овој пристапен пат да биде што побрз. Оптимист сум за иднината на ЕУ. Нам ни е јасно кои се нашите задачи и тоа треба да го направиме што е можно поскоро. Оптимист сум дека со пандемијата и војната гледаме процес на забрзување на овој процес. Треба да продолжиме да го зајакнуваме нашиот внатрешен пазар. Тоа значи влез и на други земји. Затоа, на поголемата интеграција и поддршка на Западен Балкан треба да се гледа со оптимизам. Тоа се двете задачи што ги имаме, изјави Санчез на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин Еди Рама.

Санчез ја повтори позицијата на Шпанија во однос независноста на Косово, дека истата не се менува и оти негов став е дека е прекршено меѓународното право, па затоа не можеат да бидат за признавање на независноста на Косово.